Во Градскиот парк во Скопје вчера се одржа пригоден настан во организација на Бошњачкиот национален совет (БНС) во Република Северна Македонија по повод организирањето на традиционални Меѓународни ликовни средби „Сребреница 20225“.
На настанот беа изложени слики од ликовните уметници од земјата, регионот и светот со кои на оригинален и креативен начин уметниците им оддаваат почит на жртвите од геноцидот во Сребреница.
Академик проф. Д-р Фехим Хусковиќ кој ги предводи Меѓународните ликовни средби „Сребреница 2025“ во поздравниот говор пред присутните го истакна своето задоволство што веќе неколку години по ред Скопје е домаќин на бројни уметници од Балканиот, Европа и пошироко кои творат со цел да потсетат на геноцидот во Сребреница, да искажат почит кон жртвите, но и да испратат порака на мир и заедништво.
Академик Хусковиќ изрази уверување дека делата на уметниците ќе бидат прикажувани и во текот на целата година во различни градови ширум регионот.
Претседателот на Бошњачкиот национален совет (БНС) истакна дека организацијата која тој ја предводи во изминатите години со низа информативни, едукативни и културни настани го одбележува 11 јули - Денот на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница. Хот појасни дека целта на ликовните средби е да се испрати пораката никогаш, никаде и никому да не му се повтори она што Бошњаците во Сребреница го доживеале во јули 1995 година - геноцид.
„Обично знаеме да кажеме дека една слика вреди илјада зборови, а овие слики на уметниците имаат безвременска вредност и големо значење бидејќи овие уметници ги насликале овие слики за да потсетуваат на геноцидот во Сребреница и да се присетуваат на жртвите од геноцидот“, рече Хот.
На Меѓународните ликовни средби „Сребреница 2025„ во Скопје учествуваат уметниците: Фехим Кријешторац (САД), Габриела Шафарцик (Германија), Џевдет Никочевиќ (БиХ), Дита Старова Керими (Северна Македонија), Муса Калавеши (Скопје), Етхем Бајмак (Туркије), Рахиме Туркоглу (Туркије), Тања Медарова (Северна Македонија), Амина Хасановиќ (Србија), Нермин Ќеман (Црна Гора), Ферид Рамичевиќ (Србија), Бурим Укичи (Северна Македонија), Десислава Александрова (Бугарија), Ена Налбантиќ (БиХ), Ања Стојадиновска (Северна Македонија).