Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ќе го замени премиерот Денис Шмихаљ и ѝ ја понуди таа позиција на првата заменик-премиерка на Украина и министерка за економија, Јулија Свириденко.
„Ѝ предложив на Јулија Свириденко да ја предводи владата на Украина и значително да ја подобри нејзината работа. Со нетрпение очекувам наскоро да ја презентирам програмата за дејствување на новата влада“, рече Зеленски на Телеграм, пренесува Укринформ.
Тој додаде дека на состанокот се разговарало за конкретни мерки кои, како што изјавил, ќе го зајакнат економскиот потенцијал на Украина, ќе ги прошират програмите за поддршка на Украинците и ќе го зголемат производството на оружје.
„За таа цел, започнуваме трансформација на системот на извршната власт во Украина“, рече Зеленски.
Тој истакна дека со Свириденко разговарал и за спроведувањето на договорите со европските и американските партнери, кои беа постигнати за време на неодамнешната Конференција за обнова на Украина одржана во Рим.
„Мораме да направиме сè што можеме за да ја поддржиме стабилноста на нашата земја и општество што е можно поскоро“, заклучи украинскиот лидер.
Актуелниот премиер Шмихаљ би можел да го замени министерот за одбрана Рустем Умеров, кој ќе биде номиниран за позицијата амбасадор на Украина во Соединетите Американски Држави.
Покрај Шмихаљ, кандидати за иден министер за одбрана се министерот за внатрешни работи Игор Клименко и вицепремиерот и министер за дигитална трансформација Михаил Федоров.
Свириденко, пак, денес изјави дека Украина привлекла околу 11 милијарди евра во рамките на договорите потпишани на Конференцијата за обнова на Украина што неодамна се одржа во Рим.
„Конференцијата за закрепнување на Украина беше од рекордни размери: над 6.000 учесници од 70 земји, околу 200 потпишани договори и меморандуми во вкупен износ од приближно 11 милијарди евра“, рече Свириденко.
Според неа, главната цел е овие договори да се претворат во конкретни инвестициски проекти, првенствено во реалниот сектор на економијата.