Најмалку 19.453 Палестинци загинаа во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври, соопшти денеска Министерството за здравство.
Портпаролот на Министерството, Ашраф ал-Кудра, на прес-конференција истакна дека во израелските напади повредени се и 52.286 Палестинци.
Најмалку 25 Палестинци загинаа во израелските воздушни напади во текот на ноќта врз градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа.
Официјалната палестинска новинска агенција ВАФА објави дека цел на серија израелски воздушни напади биле три соседни куќи на семејствата Зороба, Атија и Абдел-Ал, при што биле убиени 25 палестински цивили, меѓу кои и деца и жени.
ВАФА објави дека меѓу убиените во градот Рафах е и новинарот Адел Зороб.
Во друг израелски воздушен напад врз бегалскиот камп Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа, загинаа пет лица, меѓу кои и четворица браќа од семејството Абу Газал.
„Неодреден број цивили, исто така, беа убиени и повредени во серија насилни рации источно и северно од Кан Јунис и во Деир ал Балах“, соопшти новинската агенција.
Израел го бомбардира Појасот Газа од воздух и од копно, воведе опсада и започна копнена офанзива како одмазда за прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Се смета дека речиси 1.200 Израелци се загинати во нападот на Хамас, додека околу 130 заложници остануваат во заробеништво во Газа.