Руското Министерство за одбрана денес соопшти дека синоќа извршиле масовен напад врз воздухопловната база Дубно во украинскиот регион Ривне, каде што, како што велат, биле сместени тактички воени авиони.
Во соопштението се наведува дека во нападите било користено прецизно воздушно оружје со долг дострел, како одговор на, како што ги нарекуваат, „терористичките напади“ што ги извршил Киев врз руски воени аеродроми.
Покрај тоа, биле нападнати и производствени капацитети за оружје и воена опрема, монтажни погони за беспилотни летала, како и магацини за муниција, оружје и воена техника, се додава во соопштението.
„Целите на нападите се постигнати. Сите зададени цели се погодени“, соопшти Министерството.
На 1 јуни украинските безбедносни служби објавија дека извршиле напад врз руските стратегиски воздухопловни сили и оштетиле повеќе од 40 руски воени авиони, вклучително и тешки бомбардери А-50, Ту-95 и Ту-22 М3, способни за носење нуклеарно оружје.
Во меѓувреме, руските сили напредувале по целата линија на фронтот, се вели во соопштението на Министерството.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека, според извештајот на главниот командант Олександр Сирски, ситуацијата во регионот Доњецк, како и по должината на украинската граница во регионите Суми и Харков, е „многу тешка“.