Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи денеска изјави дека во моментов не се можни директни разговори со САД за нуклеарниот договор поради санкциите и политиката на максимален притисок што ја води Вашингтон.
„Во овој момент ќе водиме само индиректни преговори. Очигледно, поради заканите испратени од американската влада и економските санкции, како и политиката на максимален притисок врз нас, не можеме да водиме директни преговори со нив. Но, дипломатскиот пат е отворен, индиректните преговори не се нешто комплицирано или изненадувачки, можно е да се постигнат договори“, рече Аракчи по разговорот со неговиот руски колега Сергеј Лавров.
Според него, Техеран верува дека е можно да се постигне договор за иранската нуклеарна програма, но нереалните барања на САД ја намалуваат веројатноста за договор.
„Утре ќе учествуваме многу сериозно и доброволно во преговорите за изнаоѓање решение за мирољубивата нуклеарна програма на Иран. Барањата на САД, кои се нереални, само ќе ја намалат можноста за постигнување договор...“, рече Аракчи.
Тој претходно потврди дека утре ќе го посети Рим, каде што ќе учествува на вториот круг индиректни преговори меѓу Иран и САД, чиј домаќин е владата на Оман.
На 12 април во главниот град на Оман, Мускат, се одржаа индиректни разговори меѓу претставникот на американскиот претседател за Блискиот Исток, Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи.
Според специјалниот пратеник на американскиот лидер, разговорите биле „позитивни и конструктивни“.
Аракчи, исто така, ја опиша атмосферата на овие разговори како „конструктивна и мирна“, му се заблагодари на министерот за надворешни работи на Оман Бадр ал-Бусаиди за неговите напори во размената на мислења меѓу иранската и американската делегација и најави дека втората рунда преговори со САД ќе се одржи на 19 април.