Полицијата поднесе кривични пријави против тројца струмички бизнисмени, како и дваесет нивни сограѓани- управители и сметководители во нивните фирми и инспектори во Управата за јавни приходи, осомничени за криминал тежок 94 милиони евра.
Според МВР, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал криминал, во соработка со Оддел за криминалистичка полиција, Управата за финансиска полиција и Управа за јавни приходи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против бизнисмените Р.К.(56) , З.К.В.(30) и В.П.(29) поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, перење пари и други приноси од казниво дело и даночна измама.
Кривични пријави добија и управителите на фирмите Г.Т.(48), Д.М.(60), П.К.(67), В.К.(26), K.С.(41), К.М.(40), Н.Ф.(43), како и сметководителите М.К.(48), М.М.(68), Е.Т.(61) и З.М.(59) за сторени кривични дела злосторничко здружување и даночна измама.
За кривично дело несовесно работење во службата се осомничени инспекторите во УЈП- С.П.(58), С.М.(58), Л.К.(52), Л.Б.(37), С.Т.(66), М.П.(60), Ј.Т.(44), А.К.(35) и Ј.Г.(66).
Кривични пријави за перење пари и други приноси од казниво дело, како и за даночна измама се поднесени и против 15 струмички фирми.
Според МВР; Р.К., З.К. и В.П. во текот на 2019 година организирале злосторничко здружување кон кое се приклучиле останатите осомничени, а кое имало за цел остварување на нелегален профит за себе, а на штета на државниот буџет.
„Заради остварување на оваа цел, организаторите на злосторничкото здружение од 2019 до 2024 година ги користеле и ги имале на располагање правните лица во кои организаторите на здружението во дел од нив биле запишани како основачи и управители, а во дел не, но реално управувале со нив, давале инструкции за постапување, користејќи дел од членовите на здружението како фиктивно запишани основачи или управители“, рекоа од МВР.
Од полицијата објаснуваат дека организаторите на злосторничкото здружение, користејќи ги правните лица кои ги формирале, изготвувале и заверувале фактури со невистинита содржина.
„Во истите внесувале податоци за наводно извршен промет на добра и услуги, за кој пријавените знаеле дека не бил извршен и дека за истиот не биле вршени плаќања на банкарските сметки, сопственост на правните субјекти во што дополнително со свои дејствија им помогнале пријавените сметководители и даночни инспектори од УЈП. Со наведените дејствија пријавените оствариле противправна имотна корист во вкупен износ од 5.801.937.796 денари или 94,3 милиони евра на штета на државниот буџет“, велат од МВР.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информираат дека утре ќе соопштат довеќе детали за истрагата.