Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денес го објави крајот на 12-дневната војна против Израел, јавува иранската агенција Ирна.
„Денес, по херојскиот отпор на нашата голема нација, чија решителност создава историја, сме сведоци на воспоставување примирје и крај на оваа 12-дневна војна наметната од (израелските) авантуризам и провокации“, изјави Пезешкијан во порака до иранскиот народ.
Тој нагласи дека почнувајќи од денес, сите владини агенции, министерства и институции ќе ги фокусираат своите напори на прашањето за санација и надомест на штета, одржувајќи ја подготвеноста, како и дека ќе работат на нормализирање на сите активности низ целата земја.
Пезешкијан, исто така, рече дека за време на конфликтот, светот „ја почитуваше авторитетот на големиот Иран, кој уживаше поддршка од својот народ“.
„Длабоко веруваме дека оваа победа е последица на единството, мирот и кохезијата што се манифестираа во овој период. Мора да се обидеме да ја продолжиме оваа драгоцена хармонија, што е најголемата предност на нашата земја“, истакна Пежешкијан.
Тој рече дека иницијатор на „наметнатата војна“ бил Израел, кој го извршил „овој терористички напад“ под повторени лажни изговори.
Додаде дека нападот на Израел се совпаднал со дипломатските напори на Иран да ги отстрани сите недоразбирања со присуство на преговарачката маса.
„Историјата нема да го заборави кршењето на ветувањата и договорите од страна на непријателите на нашиот драг Иран, кои прибегнаа кон агресија и инвазија за време на преговорите“, рече Пежешкијан.
Тој изјави дека иако имало загуба на животи и штета на инфраструктурата во Иран, штетата што ја претрпел Израел, рече тој, спротивно на сериозната пропаганда и медиумската цензура, е „надвор од секоја замисла“.
„Падот на лажната непобедливост на ционистичкиот режим и неговите сојузници и огромниот обем на разорување и уништување на важни објекти и центри на окупаторскиот режим му пренесоа на светот важна порака дека цената на авантуризмот против големата земја Иран е многу ужасна“, рече Пезешкијан.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно денес објави дека примирјето меѓу Израел и Иран сега е во сила.
Началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир, изјави, сепак, дека израелската кампања против Иран не е завршена и дека влегува во нова фаза.