Туркије, заедно со девет други членки на Арапската лига и Организацијата за исламска соработка (ОИС) во четврток остро го осудија одобрувањето на израелскиот Кнесет за воспоставување на таканаречен „израелски суверенитет“ над Западниот Брег.
Во соопштението од Министерството за надворешни работи на Туркије се наведува дека Бахреин, Египет, Индонезија, Јордан, Нигерија, Палестина, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати се придружија на оваа осуда и дека сите овие земји ја сметаат оваа декларација за „бесрамно и неприфатливо кршење на меѓународното право“.
Се нагласува дека декларацијата грубо ги крши клучните резолуции на Советот за безбедност на ООН - 242 (1967), 338 (1973) и 2334 (2016), кои ги отфрлаат сите мерки насочени кон легализација на окупацијата, вклучително и изградбата на населби на палестинските територии окупирани од 1967 година.
Во изјавата дополнително се нагласува дека „Израел нема суверенитет над окупираните палестински територии“ и дека оваа еднострана одлука нема правна сила, ниту пак може да го промени правниот статус на окупираните територии, особено Источен Ерусалим, кој останува неразделен дел од нив.
Се додава дека ваквите израелски потези „само дополнително ги разгоруваат тензиите во регионот“, кои веќе се заострени од израелската агресија врз Појасот Газа и хуманитарната катастрофа што произлегува од тоа.
Земјите потписнички ја повикуваат меѓународната заедница, вклучително и Советот за безбедност на ООН и сите релевантни актери, да ги преземат своите правни и морални одговорности.
Во соопштението се повикува и на итно прекинување на „нелегалната израелска политика на обид за наметнување на свршен чин со сила“, што ги поткопува шансите за праведен и траен мир, како и решение за две држави.
„Ја потврдуваме нашата посветеност на решение за две држави, во согласност со меѓународното право и Арапската мировна иницијатива“, се заклучува во соопштението, во кое се поддржува воспоставувањето независна и суверена палестинска држава во границите од 4 јуни 1967 година, со Источен Ерусалим како главен град.