Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека во текот на оваа недела би можел да разговара со рускиот и американскиот претседател, Владимир Путин и Доналд Трамп, за да види дали е можна нивната средба во Истанбул за да разговараат за прекинување на војната во Украина.
„Со телефонски разговор со Путин и Трамп оваа недела, ќе видиме дали можеме да ги собереме овие лидери во Истанбул, ќе се обидеме“, изјави Ердоган за новинарите, пренесува Ројтерс.
Претставници на Русија и Украина претходно се состанаа во Истанбул на 23 јули, во третата рунда преговори меѓу двете земји за прекин на војната во Украина.
Страните разменија предлози за идниот развој на мировниот процес.
Зборувајќи за 17-от Меѓународен саем за одбранбена индустрија (ИДЕФ) 2025 во Истанбул, Ердоган рече: „Напредокот постигнат од ИДЕФ во одбранбената индустрија има посебно место на глобалната сцена“.
„Исто така, почнавме да добиваме значителни нарачки, а тие нарачки продолжуваат со полн ритам“, рече Ердоган.
„Во одбранбената индустрија, прво треба да се етаблирате во многу единствена позиција“, рече Ердоган, додавајќи: „Ако не успеете да ја обезбедите таа позиција, едноставно не можете успешно да ја одржите оваа борба на светската сцена“.
„Кога ја презедовме функцијата, нашата одбранбена индустрија имаше потенцијал од околу 20 милијарди долари, но сега достигна потенцијал од околу 80 милијарди долари и се надеваме дека ќе станеме уште посилни“, нагласи Ердоган.
17-то издание на шестдневниот саем за одбрана ИДЕФ, кој започна во вторник, се одржува истовремено во Саемскиот центар во Истанбул, на аеродромот Ататурк, во хотелот ВОВ и во марината Атакој.