Легендарниот португалски фудбалер Кристијано Роналдо потпиша двегодишно продолжување на договорот со клубот Ал Наср, објави денес на официјалната веб-страница клубот од саудиската премиер лига.
Како што објави клубот од главниот град на Саудиска Арабија, Роналдо (40) потпиша договор до јуни 2027 година.
„Започнува ново поглавје. Иста страст, ист сон. Ајде да направиме историја заедно“, објави Роналдо на социјалните мрежи.
Роналдо ќе добива околу 185 милиони евра годишно.
Сепак, тоа не е сè. Според некои извори, на Роналдо му е понудено сопствеништво во клубот за да покаже колку е важен за проектот и ќе има право да одлучува кои играчи ќе бидат доведени во клубот.
Роналдо пристигна во Ал Наср во 2022 година откако го напушти Манчестер Јунајтед како слободен агент.
Португалецот за Саудијците постигна 99 гола на 111 натпревари во сите натпреварувања, но не успеа да освои ниту еден голем трофеј.
Во својата богата кариера, Роналдо играше за Спортинг Лисабон, Манчестер Јунајтед, Реал и Јувентус.
Во својата кариера, досега постигна 938 гола на 1062 натпревари.