Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека „никој не знае“ што ќе направи тој кога станува збор за потенцијален американски напад врз Иран, но дека е „многу доцна“ за разговори.
Тој одби да им каже на новинарите дали ќе ги нападне нуклеарните постројки на Иран, објавува Гардијан.
Трамп рече дека иранските претставници му се обратиле, но дека верува дека е „многу доцна за разговор, има голема разлика помеѓу сега и пред една недела“.
„Никој не знае што ќе правам. Можеби ќе го направам тоа, можеби нема“, рече тој.
Американскиот претседател претходно денес изјави дека му го дал на Иран „крајниот ултиматум“, додека Вашингтон разгледува потенцијална воена интервенција во таа земја.
Трамп рече дека мислењата за таа интервенција во Вашингтон се поделени, но дека Иран не може да има нуклеарно оружје, објавува Си-Ен-Ен.
„Иран не може да има нуклеарно оружје. Не гледам на долг рок, туку на краток рок. И тоа го кажувам веќе 20 години“, рече тој, одговарајќи на прашање за вмешаноста на САД во уште една долга војна.
Кога беше прашан дали му снемува трпение со Иран, Трамп рече дека тоа веќе се случило и дека „затоа го правиме она што го правиме“.
Си-Ен-Ен забележува дека Трамп го употребил зборот „ние“ кога се осврнал на израелско-иранскиот конфликт.
„Ништо не е завршено додека не заврши. Знаете, војната е многу сложена. Многу лоши работи можат да се случат. Се прават многу пресврти. Затоа не знам. Не би рекол дека сме победиле некого. Би рекол дека сигурно постигнавме голем напредок“, рече Трамп.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, претходно денес изјави дека земјата ќе продолжи да одговара на израелските напади и никогаш нема да преговара со Израел.
„Иранската нација цврсто стои против наметнатата војна како што стоеше досега и цврсто стои против наметнатиот мир. Иранската нација нема да се предадена никого соочена со наметнување“, изјави Хамнеи.