Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата изјави дека американските сили извеле „многу успешни“ воздушни напади врз три ирански нуклеарни постројки поради стравувања од поширок конфликт во регионот.
Трамп рече дека „целиот товар“ на бомби бил фрлен врз „примарниот“ ирански нуклеарен објект во Фордов, а дополнителни напади биле извршени врз постројките во Натанз и Исфахан. Сите американски воени авиони го напуштиле иранскиот воздушен простор, изјави тој.
„Сите авиони се безбедно на пат кон дома. Честитки за нашите големи американски борци. Нема друга армија во светот што би можела да го направи ова“, рече Трамп на социјалните мрежи.
„Сега е време за мир! Ви благодариме за вниманието посветено на ова прашање“, додаде Трамп.
Нуклеарниот објект Фордо е подземна постројка за збогатување на ураниум во близина на Кoм – најдлабоко и најзајакнато иранско нуклеарно постројување, дизајнирано да издржи конвенционални воздушни напади.
Иран остро го предупреди Трамп да не се меша во конфликтот со Израел, наведувајќи дека, доколку САД директно се вклучат во непријателствата, тоа ќе доведе до „непоправливи последици“.
Трамп повеќепати се закануваше дека ќе преземе воена акција против Техеран и тврди дека САД нема да дозволат Иран да стекне нуклеарно оружје, нешто што Иран повеќепати го негирал.
Непријателствата избувнаа на 13 јуни кога Израел започна воздушни напади врз неколку локации низ Иран, вклучувајќи воени и нуклеарни објекти, што го натера Техеран да изврши возвратни напади.
Израелските власти соопштија дека од тогаш, во иранските ракетни напади загинале најмалку 25 лица, а стотици се повредени.
Во меѓувреме, според податоците на иранското Министерство за здравство, во израелскиот напад во Иран загинале 430 лица, а над 3.500 биле повредени.