Церемонија на доделување на „Вторите меѓународни награди за човекови права и култура“ се одржа изминатиот викенд во Скопје.
На церемонијата, која се одржа во Концертната сала на Филхармонијата во Скопје под водство на Фондацијата на Турците од Румелија, со поддршка на ТРТ, Претседателството за Турците во странство и сродните заедници (ЈТБ) и Турската агенција за соработка и координација (TИКА), присуствуваа првиот вицепремиер на Северна Македонија, Изет Меџити, амбасадорот на Турција во Скопје, Фатих Улусој, претставници на турски институции и организации и голем број гости.
Во својот говор амбасадорот Улусој рече дека постојат историски, културни и човечки врски меѓу Турција и балканските земји и додаде:
„Покрај постојната институционална соработка на нашата земја со балканските земји во многу области, имаме цврсти и силни врски и со балканските народи, бидејќи споделуваме заедничка судбина со сите наши браќа што живеат во овие земји“.
Истакнувајќи ја важноста на турската заедница во Македонија во односите меѓу Турција и Северна Македонија, Улусој рече:
„Турската заедница продолжува да дава видливи придонеси за благосостојбата и развојот на оваа земја во економијата, трговијата, културата, уметноста, литературата, медиумите и во многу други области. И ние, како Туркије, со сите наши институции, продолжуваме да стоиме покрај турската заедница во Македонија.“
На церемонијата за дадениот значаен придонес во областа на почитувањето на човековите права и владеењето на правото за мир и спокојство на Балканот, награди им беа доделени на првиот вицепремиер на Северна Македонија, Изет Меџити, Сулејман Баки од Тетовскиот универзитет на Северна Македонија, на албанскиот историчар Ардијан Мухај, на претседателот на Здружението на Скадар од Истанбул, Ридван Сеферај, на професорот на скопскиот универзитет „Свети Кирил и Методиј“, Ферид Мухиќ, на избраниот муфтија од Комотини, Ибрахим Шериф, на претседателот на Здружението на турското малцинство во Западна Тракија, Хусеин Балтаџи, на писателката Шефка Беговиќ Личина, на писателот Харун Црновршанин, на доц. д-р Емине Халил и доц. д-р Харун Бекир од Бугарија, на косовскиот турколог Ниметула Хафиз, на косовскиот уметник Невзат Шундо, на претставникот на кримскотатарска заедница Тахсин Џемил во Романија и на поранешниот избран муфтија од Ксанти, покојниот Ахмет Мете, чија награда ја прими неговата сопруга.
За нивниот придонес, плакети им беа доделени на TРT, ЈТБ, TИKA и Здружението на турски невладини организации на Македонија (МАТУСИТЕБ).
Програмата организирана по повод доделувањето на „Вторите меѓународни награди за човекови права и култура“ со своите настапи ја збогатија уметници од регионот.