Најмалку 50 цивили, претежно луѓе кои се обидувале да добијат храна, биле убиени, а повеќе од 200 лица се повредени во новите израелски напади во Појасот Газа во вторник.
Медицински извор изјави за Анадолу дека 37 лица ги загубиле животите во напад на израелската армија врз цивили кои чекале во близина на пункт за дистрибуција на помош во коридорот Нецарим во централна Газа и во напад врз куќа во источниот дел на градот Газа.
Болницата Ал-Авда потврди дека примила 146 повредени лица, вклучувајќи 62 во тешка состојба.
Според очевидци, неколку тела сè уште не се извлечени од местото на нападот во близина на коридорот Нецарим, бидејќи надлежните служби не можат да влезат во областа поради континуираните израелски напади.
Уште осум лица биле убиени во израелски напад врз куќа во населбата Ал-Зајтун во градот Газа, соопштија лекарите.
Најмалку три лица биле убиени, а повеќе се повредени во израелското гранатирање на шатор во кој се сместени раселени цивили северно од Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, изјави медицински извор.
Изворот додаде дека и телата на две лица убиени во претходните израелски напади се пронајдени во Кан Јунис.
Според Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации, најмалку 503 палестински баратели на помош се убиени, а 3.000 ранети во израелските напади врз цивили собрани на местата за дистрибуција на помош во Газа од 27 мај.
Тогаш дистрибуцијата на помошта со дозвола на Израел ја презеде контроверзната израелско-американска Хуманитарна Фондација за Газа (ГХФ) - механизам што ги маргинализира агенциите на ОН
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската војска врши брутални напади врз Газа од октомври 2023 година, при што се убиени речиси 56.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со обвинение за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.