КУЛТУРА
5 мин читање
„12“ на МНТ ја доби наградата за уметничко остварување на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“
Наградата за најдобра претстава од публиката ја доби претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар- Скопје и прв пат по повторното возобновување на наградата од публика, претстава доби највисока просечна оценка 5.00
„12“ на МНТ ја доби наградата за уметничко остварување на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“
Претставата „Слепци“ освои вкупно четири награди, меѓу кои и за најдобра режија / Others
13 јуни 2025

Претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов ја доби наградата за уметничко остварување на претставата во целина на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“.

Жирито во состав Лилија Абаџиева, претседател и членовите Иван Меденица и Нела Оташевиќ, ја додели наградата со мнозинство гласови, а на истата претстава ја додели и специјалната награда за колективна актерска игра за ансамблот на МНТ.

На прес-конференцијата што се одржа вчера во Центарот за култура во Прилеп, уметничкиот директор Ана Стојаноска се заблагодари на жири-комисијата и на сите што го поддржаа фестивалот. 

„59. издание на МТФ беше исклучително интересно, возбудливо со многу предизвици. Се заблагодарувам на жири комисијата. Наградата за најдобра претстава од публиката ја доби претставата „Слепци“ и прв пат имавме оценка 5.00 од публиката“, истакна Стојаноска. 

Претседателот на жирито, Абаџиева рече дека ѝ е чест што воопшто била дел од оваа комисија.

„ Ова е многу важно-мојата работа во театарот многу пати со македонската култура, сум правела претстави овде, во едни од најзначајните театри, колку што ги ценам наградите по светот, толку и наградата за режија што сум ја добила во Македонија. Ова не го кажувам за да ве запознаам со себе, ама да кажам дека уметноста гради мостови кои политичарите не можат да ги изградат. Овие културни мостови кажуваат дека уметниците немаме предрасуд“, рече Абаџиева. 

Таа ја пофали играта на актерите на „12“, но пред се, „режисерот Синиша Евтимов кој создава ситуација“.

„Актерско достигнување на секој еден актер од екипата, дава претстава на системот на Станиславски и методот на Ли Стразберг, за автентичното живеење на сцената, би кажала, по учебник. Екипната актерска работа во претставата „12“ ни говори за театарот тука и сега. Тоа се бескрајно талентирани актери со големо партнерство, но се гледа и борба меѓу нив или со јазикот на филмот – тоа е како да имаме еден филмски кадар. Секој актер е дел од таа исклучителна работа, создава атмосфера и чувство на публиката како да сме воајер“, рече Абаџиева. 

Членот на жирито Иван Меденица посочи дека има чувство дека македонскиот театар е во криза и дека за 60.издание треба да се отвори ова прашање. Нела Оташевиќ ја пофали организацијата на фестивалот, волонтерите и целиот тим.

Ова се награди на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“: 

1.Награда за рекламен материјал со мнозинство на гласови доделува на Медина Хоџа за рекламниот материјал од претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар  - Скопје.

2.Награда за кореографија и сценски движења со мнозинство на гласови се доделува на Васил Зафирчев за кореографија и сценски движења во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес.

3.Награда за музика „Филип Стевановски“ едногласно се доделува на Сашко Костов за музиката во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес.

4.Награда за костимографија едногласно се доделува на Самка Фери за костимите во претставата „Ричард III“ во изведба на НУ Албански театар – Скопје.

5.Награда за сценографија едногласно се доделува на Валентин Светозарев за сценографија во претставата „Рацин“ во изведба на НУ НТ „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“, Велес.

6.Награда за современа сценска драматизација и адаптација едногласно се доделува на Јелена Цветановска за драматизација и адаптација на текстот „Црно семе“ во претставата „Црно семе“ во изведба на НУ Народен Театар – Битола.

7.Награда за современ драмски текст со мнозинство на гласови се доделува на Ана Ристоска Трпеноска за текстот „Парови“ во претставата „Парови“ во изведба на НУ Драмски театар – Скопје.

8.Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ со мнозинство на гласови се доделува на Атанас Атанасовски за улогата на Оскар Медисон во претставата „Пар-распар“ во изведба на НУ Театар Комедија Скопје. 

9.Награда за млада актерка едногласно се доделува на Слаѓана Вујошевиќ за улогата во претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски Театар – Скопје.

10. Награда за женска епизодна улога со мнозинство на гласови се доделува на Маја Љутков за улогата на Гвендолин Пиџн во претставата „Пар распар“ во изведба на НУ НТ Комедија.

11.Награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ со мнозинство гласови се доделува на Оливер Митковски за улогата на 10 во претставата „12“ во изведба на  НУ МНТ Скопје.

12.Награда за главна женска улога едногласно се доделува на Марија Минчева Андонов за улогата на Мајката во претставата  „Сите прекрасни нешта“ во изведба на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.

13.Награда за главна машка улога едногласно се доделува на Мартин Мирчевски за улогата на Доне Совичанов во претставата „Црно семе“ во изведба на НУ Народен театар Битола.

14.Награда за режија со мнозинство гласови се доделува на Ќендрим Ријани за режијата на претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје.

15.Награда за уметничко остварување на претставата во целина со мнозинство гласови се доделува на ансамблот на НУ МНТ за уметничко остварување во претставата „12“. 

- Специјална награда за колективна актерска игра едногласно се доделува на ансамблот на НУ МНТ – Скопје за претставата „12“. 

Со врачување на наградите и со изведба на претставата „Вистината 2“ на Театар Комедија беше спуштена завесата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“. 


Повеќе
ЕУ: Подготвуваме противмерки за царините на Трамп, последиците ќе бидат страшни за милиони луѓе
Трамп прогласи економска независност и воведе реципрочни тарифи ширум светот
Трамп очекува наскоро Маск да се повлече од Белата куќа
Министерот Фидан ќе присуствува на состанокот на НАТО во Брисел
Бројот на загинати во земјотресите во Мјанмар надмина 3.000
Произраелските групи притискаат да се прекине мандатот на Франческа Албанезе во ОН
Протест во Сараево поради лошата економска ситуација и високите трошоци за живот
Сојузот на синдикати на С. Македонија на протест, бара зголемување на минималната плата на 500 евра
Кристин Лагард: Тарифите на Трамп ќе имаат негативни последици ширум светот
Сијарто најави дека Унгарија и Србија ќе градат нов нафтовод до 2028 година
Велика Британија воведе електронски дозволи за влез на европските државјани
Косово сака да потпише договор за стратегиска соработка со Велика Британија во областа на одбраната
Мицотакис: Грција има намера да потроши 25 милијарди евра за одбрана во наредните години
Вучевиќ: СНС утре ќе дојде на консултации кај Вучиќ со неколку имиња за мандатарот на новата влада
Кандидатот за врховен судија во кој Маск вложи милиони долари загуби на изборите во Висконсин
Погледнете во TRT Global. Споделете го своето мислење!
Contact us