РЕГИОН
4 мин читање
Во Скопје одбележана 30-годишнината од геноцидот во Сребреница
„Во име на Владата, ја изразувам мојата солидарност со сите жртви, семејствата на жртвите, за да им оддадам почит на жртвите. Но, исто така, ги осудувам политиките на негирање и ревизионизам“, рече вицепремиерот Фетаи.
Во Скопје одбележана 30-годишнината од геноцидот во Сребреница
Во Скопје одбележан 11 јули - Денот на сеќавањето на геноцидот во Сребреница / AA
11 јули 2025

По повод 30-годишнината од геноцидот во Сребреница, бошњачките невладни организации во соработка со Општина Чаир во Скопје организираа Марш за оддавање почит на жртвите, кој започна од дворот на Општината и заврши во паркот во Чаир.

Учесниците, меѓу кои беа и заменик-премиерот за добро владеење на Северна Македонија, Арбен Фетаи, и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, носеа транспаренти во чест на жртвите од Сребреница и положија цвеќе на споменикот посветен на геноцидот што се наоѓа во паркот во Чаир.

Оттаму, заменик-премиерот Фетаи изјави дека геноцидот во Сребреница е најгорливата и најтешката рана на европскиот континент.

„Во име на Владата, ја изразувам мојата солидарност со сите жртви, семејствата на жртвите, за да им оддадам почит на жртвите. Но, исто така, ги осудувам политиките на негирање и ревизионизам од страна на било кого во нашиот регион и секако ја изразувам мојата солидарност со целата бошњачка заедница во нашата земја и кажувам дека ја споделуваме нивната болка“, рече Фетаи.

Ганиу рече дека Сребреница не е само историја на Босна, туку историја на целото човештво. Тој додаде дека тоа е сеќавање на еден мрак што се случил во срцето на Европа.

„Денес сме тука да положиме едно цвеќе, но со него положуваме многу повеќе. Го положуваме сеќавањето, болката, солидарноста и нашата заедничка заложба оваа трагедија никогаш да не се повтори“, изјави Ганиу.

Селма Ризвановиќ Мандал од координативното тело на бошњачките невладини организации за обдележување на 30-годишнината од геноцидот во Сребреница, во своето обраќање рече дека дури и по три децении од геноцидот се уште се трага по остатоците на телата на жртвите.

„Меѓу убиените, околу 600 се жени и девојчиња. Настарата жртва е жена, Шаха Измирлиќ (94 години), а најмладата е новороденче - Фатима Мухиќ, по чии посмртни остатоци се трагаше 18 години. Потрагата која траеше многу подолго отколку нејзиниот живот се заврши откако беше пронајдена во кеса за ѓубре“, истакна Ризвановиќ Мандал.

Споменикот на геноцидот во Сребреница, поставен во паркот во Чаир, беше изграден на 11 јули 2021 година, со симболична порака во чест на жртвите од геноцидот.

По настанот изјава за медиумите даде Изета Бабачиќ од невладината организација „Диванхана“.

„Идејата е да порачаме на сите, Сребреница нека биде поука за иднина. Нека Сребреница не се повторува“, изјави Бабачиќ.

Таа наведе дека е потребно е на младите генерации со информации да им се помогне за да разберат за геноцидот во Сребреница, додавајќи дека се потребни интегрирани образовните содржини, факти за Сребреница, исклучиво со цел да се помогне општеството да развие човечко сочувство и емпатија.

„Почитувањето на геноцидот во Сребреница е почит на човештвото“, порача таа.

Денешниот настан беше само еден во низата настани од културно-информативен и едукативен карактер со кои се одбележа 30.годишнината од геноцидот во Сребреница.

Вчера во организација на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС), група граѓани со автобуски превоз замина за Сребреница, каде во Поточари денес присуствуваше на колективниот погреб на седумте жртви од геноцидот.

Исто така делегација од БДС предводена од претседателот на оваа политичка партија, Мунир Колашинац, како и претседателот на Бошњачкиот национален сојуз (БНС) во земјава, Џевад Хот, присуствуваа вчера во Сараево на отворањето на изложбата посветена на жртвите од геноцидот во Сребреница, а денес беа дел од официјалната програма на комеморацијата во Поточари, Босна и Херцеговина.

Геноцид во Сребреница

Секоја година на 11 јули, по повод годишнината од геноцидот, се одржува погреб на новоидентификувани жртви од геноцидот во Сребреница, во кој во јули 1995 година беа убиени повеќе од 8.000 Бошњаци.

Меморијалниот центар Поточари беше официјално отворен на 20 септември 2003 година од страна на поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Бил Клинтон.

Жртвите потекнуваат од различни општини, повеќето од подрачјата на Сребреница, Братунац, Власеница, Зворник и Милиќ. Жртвите на геноцидот се пронајдени на 150 различни локации, од кои 77 се масовни гробници. Најмладата жртва досега погребана во Поточари е новороденчето Фатима Мухиќ, а најстарата е Шаха Измирлиќ, родена 1901 година.

Сѐ уште се трага по повеќе од илјада жртви на геноцидот.

Во 2007 година Меѓународниот суд на правдата во Хаг донесе пресуда во која се констатира дека во јули 1995 година во Сребреница, која тогаш беше заштитена зона на Обединетите нации (ОН), војската на Република Српска (ВРС) извршила геноцид.

Хашкиот трибунал, Судот на Босна и Херцеговина и судството во Србија и Хрватска досега за геноцид и воени злосторства осудија вкупно 54 лица на 781 година и пет доживотни казни затвор. На доживотни затворски казни, меѓу другите, осудени се воениот претседател на Република Српска (РС) и командантот на војската на тој ентитет, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.

Со резолуцијата за геноцидот во Сребреница, усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации, 11 јули е прифатен како Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница извршен во 1995 година.

ИЗВОР:TRT Balkan / агенции
Повеќе
ЕУ: Подготвуваме противмерки за царините на Трамп, последиците ќе бидат страшни за милиони луѓе
Трамп прогласи економска независност и воведе реципрочни тарифи ширум светот
Трамп очекува наскоро Маск да се повлече од Белата куќа
Министерот Фидан ќе присуствува на состанокот на НАТО во Брисел
Бројот на загинати во земјотресите во Мјанмар надмина 3.000
Произраелските групи притискаат да се прекине мандатот на Франческа Албанезе во ОН
Протест во Сараево поради лошата економска ситуација и високите трошоци за живот
Сојузот на синдикати на С. Македонија на протест, бара зголемување на минималната плата на 500 евра
Кристин Лагард: Тарифите на Трамп ќе имаат негативни последици ширум светот
Сијарто најави дека Унгарија и Србија ќе градат нов нафтовод до 2028 година
Велика Британија воведе електронски дозволи за влез на европските државјани
Косово сака да потпише договор за стратегиска соработка со Велика Британија во областа на одбраната
Мицотакис: Грција има намера да потроши 25 милијарди евра за одбрана во наредните години
Вучевиќ: СНС утре ќе дојде на консултации кај Вучиќ со неколку имиња за мандатарот на новата влада
Кандидатот за врховен судија во кој Маск вложи милиони долари загуби на изборите во Висконсин
Погледнете во TRT Global. Споделете го своето мислење!
Contact us