Албанскиот премиер Еди Рама го нарече планот на Велика Британија за испраќање на одбиени баратели на азил во центри за враќање во трети земји срамен, неприфатлив и смешен, нагласувајќи дека таквата политика била незамислива само пред десет години, пренесува Анадолу.
Во интервју за меѓународни медиуми, Рама остро го осуди предлогот на британскиот премиер Кир Стармер, презентиран за време на неговата неодамнешна посета на Албанија. Планот предвидува испраќање мигранти, чии барања за азил се одбиени и кои ги исцрпиле сите законски опции во Велика Британија, во трети земји за понатамошна обработка.
„Ова е нешто што беше едноставно незамисливо пред десет години, дека Велика Британија бара места каде што би можела да ги протера мигрантите. Ова е целосно неприфатливо, целосно смешно, целосно срамно“, рече Рама, објави Гардијан.
Тој нагласи дека Албанија нема да учествува во планот, што го повтори за време на заедничката прес-конференција со Стармер во Тирана. Рама откри дека претходно го отфрлил истиот предлог од поранешните британски премиери Борис Џонсон и Риши Сунак.
„Бев јасен откако Борис Џонсон и Риши Сунак ме замолија. Секогаш категорично одбивав да учествувам“, рече Рама, додавајќи дека неговата одлука не е насочена лично против Стармер, кого го опиша како многу учтив и пријатен човек.
Рама го нарече планот симптом на „темното место“ во кое се наоѓа британската политика по Брегзит.
„Денес, 80 проценти од работите што се кажуваат или пишуваат или се прифаќаат како нормален дел од дискурсот во Британија се работи што би биле целосно неприфатливи пред Брегзит“, смета Рама.
- Посебни односи со Италија, но не и со Велика Британија - Рама објасни дека соработката со Италија за сличен центар за прием на мигранти не може да се спореди со британскиот предлог, бидејќи Италија и Албанија имаат посебен однос и историска блискост.
„Италија отсекогаш била со нас од падот на сталинистичкиот режим. Практично, ние сме една земја со две независни влади. Кога Италија нè прашува за нешто, ние едноставно велиме да и тоа е тоа“, рече тој.
Италијанскиот план вклучува прием на мигранти кои се запрени на море, а нивните барања за азил би се обработуваат во центри во Албанија. Сепак, неговата имплементација во моментов е попречена од правни пречки.
- Албанија и патот кон ЕУ - Рама ја искористи и можноста да зборува за европскиот пат на Албанија. Тој е уверен дека преговорите со Европската Унија ќе бидат завршени до 2027 година и дека Албанија ќе стане полноправна членка најдоцна до 2030 година.
„Пристапот на ЕУ драстично се промени по руската инвазија на Украина. Европските лидери станаа многу повеќе заинтересирани за Западен Балкан. Иако парадоксално, Путин ја разбуди Европа“, рече Рама.
- За Трамп и Европа - Зборувајќи за меѓународната политичка сцена, Рама го изрази и своето мислење за враќањето на Доналд Трамп на власт, нагласувајќи дека верува оти присуството на Трамп е контроверзно, но всушност корисно за Европа.
„Сто проценти сум убеден дека победата на Доналд Трамп е добра работа за Европа“, рече Рама.
Според него, Трамп „ја потресе заспаната Европа“ и ја принуди конечно да стане активна.
„Кога Трамп вели дека Бог го спасил затоа што има план за Америка, мислам дека тој кажува само половина од вистината. Бог го спасил и затоа што имал план за Европа, да ја разбуди“, рече Рама.
- Планови за иднината и дијаспората - Во наредните месеци, Рама планира да ги посети албанските заедници во дијаспората, на кои им беше дадено право да гласаат за прв пат на последните избори. Повеќе од половина милион Албанци живеат само во Грција, а Рама сака да ги мотивира да се вратат.
„Сега нашите плати се речиси исти како во Грција, а еве го и домот“, истакна тој.
Рама, поранешен професионален кошаркар и академски сликар, полни 60 години во јули. Иако е критикуван за обвинувања за корупција и авторитарен стил на владеење, многумина го сметаат за клучна фигура во европската иднина на Албанија.
На прашањето колку долго се гледа себеси на политичката сцена, Рама рече дека моментот кога Албанија ќе се приклучи на ЕУ ќе биде најубавиот момент за да се предаде факелот.
„Тоа би била лична победа, но и победа што би ја направила Европа помалку здодевна и посончева“, заклучи тој.