Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека Русија сè уште чека украинската страна да предложи датуми за нова рунда директни разговори.
Тој изјави дека Москва ќе ги објави договорените датуми штом ќе ги добие, објави ТАСС.
Песков потсети на претходните договори за размена на затвореници според формулата „1.000 за 1.000“ и враќање на тешко болни и млади затвореници.
Коментирајќи ги испораките на оружје за Украина од страна на САД и Европа, Песков оцени дека Западот го поддржува продолжувањето на конфликтот, наведувајќи дека испораките на оружје за Киев најверојатно не се насочени кон мирно решение, туку кон продолжување на воените операции.
Тој додаде дека постојат контрадикторни информации за количините оружје што пристигнуваат во Украина.
Песков објави дека рускиот претседател Владимир Путин ќе го прими раководителот на Росфинмониторинг, Јуриј Чиханчин, кој ќе поднесе извештај за работата на службата за финансиско разузнавање.
Тој исто така рече дека Кремљ внимателно ќе ги следи информациите за новиот пакет санкции против Русија од страна на Европската Унија, најавен како најстрог пакет од 2022 година, што би можел да влијае на приходите од руската нафта и финансиското работење.
Песков повтори дека ставот на Русија за санкциите е „добро познат“.
Зборувајќи за последиците од санкциите, Песков нагласи дека Русија стекнала богато искуство во нивното минимизирање и ќе „продолжи да го користи ова знаење“.
Русија, рече тој, високо ги цени напорите на американскиот претседател Доналд Трамп во обидот да започне процес на преговори со Украина и гледа потенцијал за обновување на трговските и економските односи со САД, вклучително и можноста за заеднички проекти.
Песков оцени дека санкциите на САД против Русија се нелегални и им штетат на бизнисите во двете земји.