Министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан, по повод 30-годишнината од геноцидот во Сребреница, изјави дека заедничка одговорност на сите е да не заборавиме и да не дозволиме Сребреница да биде заборавена.
Во објава на X, Фидан ја потсети дека поминаа 30 години од геноцидот во Сребреница, во кој беа убиени повеќе од 8.000 невини бошњачки цивили.
„Оваа голема трагедија, чија болка сè уште ја чувствуваме во нашите срца, остави длабоки траги во совеста на целото човештво. Да не се заборави и да не се дозволи да биде заборавена, тоа е заедничка одговорност на сите нас“, рече Фидан.
Тој испрати порака на сочувство и солидарност со жртвите и нивните семејства.
„Со почит и милост се сеќаваме на нашите браќа кои ги загубија своите животи во Сребреница, а на оние кои останаа им посакуваме трпение и сила“, рече шефот на турската дипломатија.
Останките на уште седум жртви од геноцидот во Сребреница, извршен од припадници на Армијата на Република Српска и нивните соучесници во јули 1995 година, ќе бидат погребани денеска на колективен погреб во Меморијалниот центар на Сребреница во Поточари.
Најмладите жртви што ќе бидат погребани оваа година се двајца млади мажи кои имале 19 години во времето на нивната смрт, Сенаџид Авдиќ и Хариз Мујиќ. Двајцата, убиени во јули 1995 година, ќе го најдат своето последно почивалиште 30 години подоцна.
Останките на Хасиб Омеровиќ, кој имал 34 години кога бил убиен, биле ексхумирани во 1998 година, но семејството не можело да одлучи да даде согласност за погреб порано поради малиот број пронајдени скелетни остатоци.
Денеска ќе бидат погребани и останките на Фата (Хусо) Бектиќ (1928), Сејдалија (Алија) Алиќ (1961), Рифет (Мустафа) Габељиќ (1964) и Амир (Ибрахим) Мујчиќ (1964).
Досега во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари се погребани 6.765 жртви на геноцид, додека 250 жртви се погребани на локалните гробишта по барање на членовите на семејствата.
Во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг донесе пресуда во која се наведува дека во јули 1995 година, Армијата на Република Српска (ВРС) извршила геноцид во Сребреница, која тогаш била заштитено подрачје на ОН.
Хашкиот трибунал, Судот на Босна и Херцеговина и судството во Србија и Хрватска досега осудиле вкупно 54 лица на 781 година и пет доживотни затворски казни за геноцид и воени злосторства. Меѓу осудените на доживотен затвор беа воениот претседател на РС и командант на војската на тој ентитет, Радован Караџиќ, и Ратко Младиќ.