ПОЛИТИКА
6 мин читање
Аферата Фајзергејт може да ја урне Европската комисија
Кога ЕУ ги смета Романија, Унгарија, Полска, Чешка, Словачка, како држави што го кршат владеењето на правото, тие се многу строги кон тие земји-членки, но кога ЕУ го крши владеењето на правото тогаш никој ништо не кажува, вели европратеникот Пипереа
Аферата Фајзергејт може да ја урне Европската комисија
ЕП во четврток ќе гласа за доверба на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, поради тајните СМС пораки разменувани со директорот на Фајзер / Reuters
6 јули 2025

Европскиот парламент (ЕП) во четврток ќе гласа за доверба на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, поради тајните СМС пораки што таа ги разменила со извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурл, во 2021 година, за испораката на вакцини во ЕУ во екот на пандемијата на коронавирусот.

Предлогот за недоверба на претседателката на Европската комисија, потпишан од повеќе од 70 европратеници, ја обвинува Фон дер Лајен за кршење на стандардите за транспарентност на Европската унија.

Функционерите изјавија дека фон дер Лајен ќе присуствува на парламентарна дебата во Стразбур во понеделник, по што ќе следи гласање за доверба три дена подоцна.

Ова е прв пат по повеќе од една деценија шефицата на ЕУ да се соочи со таков потег.

Во оваа фаза, гласањето е во голема мера симболично - повеќето политички групи веќе сигнализираа дека ќе гласаат против предлогот за недоверба - но тоа укажува на растечкиот гнев кон фон дер Лајен во Брисел по низата нејзини контроверзни потези и скандали, објави бриселскиот портал.

Недостаток на транспарентност

Ако предлогот за недоверба биде усвоен, тоа би довело до оставка на целата ЕК и би започнал сложен процес на назначување на 27 нови европски комесари.

Иницијативата за смена на шефицата на ЕУ е на романскиот десничарски пратеник Ѓорѓе Пипереа, кој го поднесе предлогот за гласање недоверба против фон дер Лајен откако минатата недела собра доволно потписи.

Европратеникот Пипере смета дека „Пандорината кутија“ е отворена.

И покрај притисокот од пратениците и медиумите, СМС пораките од 2021 година од преговарањето за договорот за вакцини вреден повеќе милијарди евра никогаш не беа објавени.

„Договор кој има вредност од околу 35 милијарди евра, секако, е сосема невообичаено да се преговара за договор со толку голема вредност со СМС-пораки“, изјави Пипереа за Анадолија.

Во 2025 година, Европскиот суд на правдата пресуди во корист на новинарка на „Њујорк тајмс“ кој ја тужеше Европската комисија бидејќи не добила пристап до текстуалните пораки. 

Пресуда на Европскиот суд на правда

Сепак, Пипереа рече дека Комисијата не ја почитувала пресудата.

„Сега сме приближно два месеци од оваа одлука против Европската комисија, а Европската комисија не направи ништо за да ги открие овие текстуални пораки. Ова е проблем на недостаток на транспарентност во демократија каква што би требало да биде Европската Унија, не можете да правите нешто вакво“, нагласи тој.

„Ако Судот на правдата каже нешто против вас, мора да се покорите. Мора да се покорите. Немате право да не се покорувате и да игнорирате“, додаде тој.

Тој ја обвини Европската комисија за лицемерие, велејќи дека Брисел ги критикува земјите од Источна Европа за загриженост за владеењето на правото, но се штити од контрола кога е испрашувана.

„Кога Европската Унија ги смета земјите-членки, како што се Романија, Унгарија, Полска, Чешка, Словачка, како држави што го кршат владеењето на правото, тие се многу, многу, многу строги кон тие земји-членки, но кога Европската Унија го крши владеењето на правото, никој ништо не кажува“, рече тој.

Предлогот сега чека процедурален преглед од страна на Конференцијата на претседатели, главната политичка управна група на Европскиот парламент, која ќе одлучи во среда дали дебатата може да продолжи. Доколку биде одобрен, предлогот ќе биде ставен на дневен ред на следната редовна седница на Европскиот парламент во Стразбур, закажана за 7 јули. За отстранување на комисијата е потребно двотретинско мнозинство гласови и апсолутно мнозинство претставници во Европскиот парламент.

Иако шансите за успех се мали, Пипереа рече дека симболичната тежина на предлогот е важна.

Тој исто така тврди дека некои членови на Европскиот парламент биле под притисок да ја повлечат својата поддршка за предлогот.

„Барем еден од нив веќе го направил тоа. Знаете,тоа е човек, член на Европскиот парламент од ЕПП (Европска народна партија), најголемата партија во парламентот, и му се закануваа со исклучување од групата ако не го повлече својот потпис“, рече Пипереа.

Тој посочи на сè пофрагментираниот политички пејзаж во европските институции.

„Реално кажано, не очекувам да имам мнозинство, но дури и да имам, не знам, можеби 30 или 40 проценти од парламентарните гласови, ова ќе биде јасен сигнал. Ова ќе биде порака“, рече Пипереа.

Лицемерие на ЕУ

Тој, исто така, се потсети на легендата за Пандорината кутија.

„Оваа Пандорина кутија е, во овој момент, отворена. Од оваа Пандорина кутија ќе произлезат и други видови предлози, а еднаш Урсула фон дер Лајен ќе биде принудена да поднесе оставка. Бидејќи, во овој момент, никој повеќе не е задоволен од соработката со Урсула фон дер Лајен“, рече тој.

На крајот од разговорот, Пипереа рече дека правниот пат останува отворен, сугерирајќи дека договорите на Европската Унија им даваат право и на граѓаните и на избраните функционери да бараат надомест на штета на суд кога се оштетени од институционални дејствија.

Европскиот суд на правдата во мај годинава пресуди дека Европската комисија не дала убедливо објаснување за непоседување на СМС-пораките меѓу претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на фармацевтската компанија Фајзер за набавка на вакцината против Ковид-19.

Општиот суд пресуди во случајот покренат од „Њујорк тајмс“ и тогашната дописничка на весникот од Брисел, Матина Стеви. Таа, повикувајќи се на регулативата за пристап до документи, побара од Комисијата да ѝ дозволи да ја види размената на пораки меѓу Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурла, помеѓу 1 јануари 2021 и 11 мај 2022 година.

Комисијата го отфрли тоа барање со образложение дека не ги поседува документите на кои се однесува барањето, по што Матина Стеви и „Њујорк тајмс“ побараа од Општиот суд на Европската Унија да ја поништи одлуката на Комисијата.

Во својата пресуда, Судот ја потврди тужбата и ја поништи одлуката на Комисијата. 

Комисијата може, во рок од два месеци и десет дена, да поднесе жалба до Судот, која мора да биде ограничена на правни прашања.

Во соопштението на Судот се вели дека целта на регулативата за пристап до документи е да се даде најголемо можно значење на правото на јавен пристап до документите што ги поседуваат институциите. Затоа, во принцип, сите документи на институциите треба да бидат достапни за јавноста. 

Според Судот, Комисијата не објасни убедливо зошто смета дека текстуалните пораки разменети во врска со купувањето на вакцината против Ковид-19 не содржат важни информации, односно информации што бараат понатамошно дејствување чие зачувување мора да се обезбеди.

На 28 април 2021 година, додека договорот требаше да биде финализиран, „Њујорк тајмс“ објави дека Урсула фон дер Лајен лично го преговарала договорот преку серија текстуални пораки и повици со извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурла, опишувајќи го како „впечатливо усогласување на политичкиот опстанок и корпоративниот хаос“

Оваа ситуација последователно отвори бројни прашања за транспарентноста, потенцијалната корупција и, што е уште поважно, како ваквите афери би можеле да влијаат на довербата на јавноста во вакцинацијата.

Извор: ТРТ Балкан и агенции


Повеќе
ЕУ: Подготвуваме противмерки за царините на Трамп, последиците ќе бидат страшни за милиони луѓе
Трамп прогласи економска независност и воведе реципрочни тарифи ширум светот
Трамп очекува наскоро Маск да се повлече од Белата куќа
Министерот Фидан ќе присуствува на состанокот на НАТО во Брисел
Бројот на загинати во земјотресите во Мјанмар надмина 3.000
Произраелските групи притискаат да се прекине мандатот на Франческа Албанезе во ОН
Протест во Сараево поради лошата економска ситуација и високите трошоци за живот
Сојузот на синдикати на С. Македонија на протест, бара зголемување на минималната плата на 500 евра
Кристин Лагард: Тарифите на Трамп ќе имаат негативни последици ширум светот
Сијарто најави дека Унгарија и Србија ќе градат нов нафтовод до 2028 година
Велика Британија воведе електронски дозволи за влез на европските државјани
Косово сака да потпише договор за стратегиска соработка со Велика Британија во областа на одбраната
Мицотакис: Грција има намера да потроши 25 милијарди евра за одбрана во наредните години
Вучевиќ: СНС утре ќе дојде на консултации кај Вучиќ со неколку имиња за мандатарот на новата влада
Кандидатот за врховен судија во кој Маск вложи милиони долари загуби на изборите во Висконсин
Погледнете во TRT Global. Споделете го своето мислење!
Contact us