Британскиот пејач Род Стјуарт го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека се обидува да го уништи палестинскиот народ, тврдејќи дека „им прави на Палестинците она што им се случи на Евреите“ во минатото.
Поп-ѕвездата, која настапи во Тел Авив во 2017 година и покрај повиците за бојкот на Израел, рече дека целта на Нетанјаху е „уништување“ на Палестинците, пишува британски „Телеграф“.
Во интервју за „Радио Тајмс“, 80-годишниот музичар рече дека „некој мора да направи нешто“.
„Она што Нетанјаху им го прави на Палестинците е токму она што им се случи на Евреите. Тоа е уништување, и тоа е сè што сака - да се ослободи од сите нив. Не знам како (Израелците) спијат ноќе“, рече пејачот.
Стјуарт, исто така, коментираше за својот однос со американскиот претседател Доналд Трамп, велејќи дека повеќе не може да биде пријател со него поради политиката на Трамп за оружје кон Израел.
„Додека тој им продава оружје на Израелците, не можам да му бидам пријател. Како таа војна некогаш ќе престане“, рече Стјуарт.
Дополнително, Стјуарт зборуваше за своето лично искуство со Трамп, велејќи дека го познава американскиот претседател „многу, многу добро“ и дека бил чест гостин на божиќните забави на Трамп.
Сепак, тој додаде дека Трамп, откако станал претседател, станал „друг човек, кого повеќе не го препознава“.