Американскиот претседател Доналд Трамп во денеска го обвини својот руски колега Владимир Путин за неправилни потези, нагласувајќи дека размислува за дополнителни санкции врз Москва.
„Не сум задоволен од Путин“, изјави Трамп за новинарите на состанокот на кабинетот.
Тој потврди дека САД ќе испратат дополнително оружје во Украина.
„Путин не се однесува правилно кон луѓето. Убива премногу луѓе, па затоа испраќаме одбранбено оружје во Украина. Го одобрив тоа“, рече тој.
Потегот за испраќање повеќе оружје доаѓа по одделни разговори што Трамп ги имаше минатата недела со Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Потоа, Трамп ја опиша својата дискусија со Путин како разочарувачка, велејќи дека „нема напредок“ кон прекин на огнот во војната меѓу Русија и Украина.
Минатата недела, американските медиуми објавија дека Пентагон ги суспендирал некои испораки на ракети за воздушна одбрана и друга прецизна муниција во Украина поради загриженост за ниските американски залихи. Сепак, и Трамп и Министерството за одбрана потврдија вчера дека САД ќе испратат повеќе оружје во Украина.
„Сериозно размислувам за понатамошни санкции кон Русија“
Трамп повтори дека војната треба да заврши, истакнувајќи ја својата фрустрација од растечкиот број на жртви.
„Добиваме многу глупости од Путин кон нас - сакате да ја знаете вистината. Тој е многу фин цело време, но се покажува дека е бесмислено“, рече тој.
Кога беше прашан за понатамошни санкции врз Русија, Трамп рече дека „сериозно го разгледува тоа“.
Сенаторите Линдзи Греам и Ричард Блументал на 1 април поднесоа закон насловен како Закон за санкционирање на Русија од 2025 година, со кој ќе се воведе царина од 500% на увезената стока од земјите што купуваат руска нафта, гас, ураниум и други производи.
На прашањето дали ќе ја потпише мерката Трамп рече: „Тоа е опционален закон. Тоа е целосно по мој избор. Тие го донесуваат целосно по мој избор и целосно го прекинуваат по мој избор. И јас тоа сериозно го разгледувам“, рече Трамп.
Греам рече дека Трамп „е во право во врска со игрите што ги игра Путин“ и додаде дека Сенатот наскоро ќе се произнесе по закон за „строги санкции“, не само против Русија, туку и против земји како Кина и Индија.