Израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека активистите од хуманитарниот брод „Мадлин“ што се движеше кон Газа, а беше пресретнат од израелските сили, биле пренесени на аеродромот „Бен Гурион“ за да бидат депортирани.
Во соопштението се наведува дека волонтерите од бродот „Мадлин“, кој превезувал неопходни хуманитарни средства за Појасот Газа, се подготвуваат да заминат од Израел и да се вратат во матичните земји.
„Некои од нив се очекува да заминат во следните неколку часа“, се вели во соопштението.
„Оние што ќе одбијат да потпишат документи за депортација и да го напуштат Израел ќе бидат изведени пред судски орган, во согласност со израелскиот закон, за да се одобри нивна депортација.“
„Конзулите од матичните земји на патниците ги пречекаа на аеродромот“, се додава во соопштението.
Израелските сили го пресретнаа бродот вчера изутрина, спречувајќи ја неговата мисија да достави основна хуманитарна помош до опколената енклава.
На бродот се наоѓале вкупно 12 лица, меѓу кои еден новинар.
Меѓу нив се француската пратеничка во Европскиот парламент Рима Хасан, германската државјанка Јасемин Аџар, Хусеин Шуајб Орду од Туркије, Тијаго Авила од Бразил, Серхио Торибио од Шпанија, Марко ван Рен од Холандија, Баптист Андре, Рева Вијард, Паскал Мориерас и Јанис Мамди од Франција, шведската климатска активистка Грета Тунберг и новинарот Омар Фајад.