Најмалку 30 лица загинале во поплавите предизвикани од обилните дождови во Пекинг и околните региони, додека десетици илјади луѓе се евакуирани од кинескиот главен град, објавија денес кинеските медиуми.
Обилните дождови започнаа во текот на викендот и се интензивираа околу Пекинг и околните провинции во понеделник, а врнежите достигнаа до 543,4 милиметри во северните делови на градот.
Најголем број жртви е регистриран во планинските северни области - 28 во Миџун и двајца во Џанчин, објави Ројтерс.
Повеќе од 80.000 жители биле евакуирани поради обилните дождови.
Патиштата и комуникациската инфраструктура се оштетени, а 136 села останаа без електрична енергија од полноќ во понеделник.
Кинескиот претседател Кси Џинпинг нареди „сеопфатна“ операција за пребарување и спасување, истакнувајќи дека неодамнешните поплави во Пекинг и провинциите Хебеј, Џилин и Шандонг предизвикаа „огромни жртви и материјални загуби“.