Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска денеска по средбата со неговиот српски колега Марко Ѓуриќ во Сегед изјави дека Брисел промовира забрзан пат за пристапување на Украина, додека Србија чека повеќе од 16 години и дека е време да ги исполни своите ветувања.
Сијарто и Ѓуриќ разговара за понатамошно продлабочување на билатералните односи, со посебен фокус на енергетската соработка.
Во објава на социјалната мрежа X, Сијарто нагласи дека соработката меѓу Унгарија и Србија во областа на енергетиката бележи силен напредок.
„Гасоводот Турски тек работи со полн капацитет, Србија складира гас во унгарски складишта, а во тек е изградба на нов гасовод што дополнително ќе ја зајакне регионалната енергетска безбедност“, рече Сијарто.
Во оваа прилика, тој го повтори добро познатиот унгарски став дека Европската Унија треба да посвети поголемо внимание на пристапувањето на Србија отколку на разорената од војна Украина.
„Додека Брисел го забрза патот на Украина кон членство во ЕУ, Србија, која е стабилна, подготвена и чека повеќе од 16 години, сè уште чека. Време е ветувањата да се исполнат“, рече Сијарто.
Ѓуриќ, исто така, на својот профил на X изјави дека е привилегија да разговара со Сијарто за важни теми.
„Продолжуваме да работиме заедно за зајакнување на стратешките односи меѓу Србија и Унгарија и за унапредување на нашата заедничка политичка и економска агенда“, рече Ѓуриќ.