Планот на израелската Влада за изградба на таканаречен „хуманитарен град“ за Палестинците во јужниот дел на Појасот Газа се соочи со сериозно противење од армијата и беше отфрлен, објавија израелските медиуми денес.
Според планот што беше објавен минатата недела, Владата во Тел Авив имаше намера да го пресели целото население на Газа во нова зона изградена врз урнатините на градот Рафа.
Според министерот за одбрана Израел Кац, палестинските жители на Газа требаше да бидат сместени во новата зона, од каде што би им се овозможила емиграција од Газа во други земји.
Овој контроверзен план предизвика остри реакции низ светот, вклучително и од Обединетите нации и организациите за човекови права, кои го оквалификуваа како присилно раселување на Палестинците.
И израелската опозиција се спротивстави на планот, кој се проценува дека ќе чини околу 4 милијарди долари, нарекувајќи го обид за протерување на Палестинците во „концентрационен логор“.
Израелската армија, исто така, изрази противење на планот, предупредувајќи дека тој би можел да ги наруши тековните напори за постигнување прекин на огнот и договор за размена на заробеници со палестинските групи.
Според израелскиот Канал 12, премиерот Бенјамин Нетанјаху одржал напнат состанок на Кабинетот во неделата навечер, на кој планот бил „отфрлен“.
„Побарав реалистичен план“, му рекол Нетанјаху на началникот на Генералштабот, Ејал Замир, повикувајќи на подготовка на „поевтина и побрза алтернатива“ до утре.
За време на состанокот Замир влегол во судир со Нетанјаху и министерот за финансии Безалел Смотрич, предупредувајќи дека предложениот план може да ги загрози стратегиските цели на армијата во Газа.
Израелската армија тврди дека изградбата на предложениот град за концентрирање на Палестинците во него би траела неколку месеци, а можеби и една година.
Дополнително, армијата е загрижена дека палестинското движење Хамас би го протолкувало овој потег како знак дека Израел се подготвува за делумен договор, а би ја продолжило војната по евентуален прекин на огнот.
И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија уби повеќе од 58.000 Палестинци во смртоносната офанзива во Појасот Газа од октомври 2023 година.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна против енклавата.