Денес во административниот главен град на Малезија, Путраџаја, започна состанок на лидерите на Тајланд, Камбоџа и Малезија, со цел обезбедување прекин на огнот во граничниот конфликт меѓу Тајланд и Камбоџа, изјави малезиски функционер за Ројтерс.
На состанокот присуствуваат и амбасадорите на Соединетите Американски Држави и Кина, изјави функционерот.
Средбата се одржува во официјалната резиденција на малезискиот премиер Анвар Ибрахим, претседател на регионалниот блок АСЕАН.
Вршителот на должноста премиер на Тајланд, Фумтам Вечајачај, и премиерот на Камбоџа, Хун Манет, учествуваат во денешните преговори во Малезија.
Портпаролката на Министерството за одбрана на Камбоџа, генерал-мајор Мали Соќеата, пак, ја обвини тајландската војска за употреба на хемиско оружје.
Соќеата изјави дека тајландските сили утринава нападнале во близина на Та Моан Том и Та Крабеи, и покрај фактот дека камбоџанскиот премиер и вршителот на должноста тајландски премиер треба да се сретнат во Малезија.
Таа тврди дека од неделата тајландската страна користи воени авиони за напади со отровен гас врз неколку области во Камбоџа.
Од страна на Тајланд засега нема официјална реакција на обвинувањата.
Пред поаѓањето за Малезија, вршителот на должноста премиер на Тајланд, Фумтам Вечајачајп, изјави за новинарите дека „не верува оти Камбоџа делува со добра намера“.
„Тие треба да покажат искрена намера, а ние ќе го процениме тоа за време на состанокот“, додаде тој.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека претставници на Стејт департментот се исто така во Малезија за да помогнат во мировните напори меѓу Камбоџа и Тајланд.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, и Рубио, се во контакт со своите колеги од двете земји и внимателно ја следат ситуацијата, според соопштението издадено од Стејт департментот доцна синоќа.
„Сакаме овој конфликт да заврши што е можно поскоро“, се вели во соопштението.
Најмалку 35 лица се убиени, а повеќе од 200.000 се раселени во судирите меѓу двете сили од четвртокот.