Велика Британија постави таен план за преселување на илјадници Авганистанци во земјата откако војник случајно ги откри личните податоци на повеќе од 33.000 луѓе, ставајќи ги во опасност од одмазда од страна на Талибанците, покажаа судските документи објавени денес.
Судија на Високиот суд во Лондон во пресуда од мај 2024 година, објавена за прв пат денес, изјави дека владата на земјата можеби ќе мора да понуди преселување во Велика Британија за околу 20.000 луѓе, потег што веројатно ќе чини „неколку милијарди фунти“, пренесува Ројтерс.
Сегашниот британски министер за одбрана, Џон Хили, рече дека околу 4.500 луѓе, чии идентитети беа откриени по грешка, биле „во Велика Британија или во транзит“.
Во извештајот за прекршување на податоците, чиј резиме беше објавен и денес, се вели дека повеќе од 16.000 луѓе чии податоци беа откриени се преместени во Велика Британија од мај оваа година.
Британската влада беше принудена да дејствува откако еден безбедносен пробив ги откри имињата на Авганистанците кои им помагале на британските сили во земјата пред тие да се повлечат од земјата во хаотични околности во 2021 година.
Збирката податоци содржеше лични податоци на речиси 19.000 Авганистанци кои аплицирале за преселување во Велика Британија и нивните семејства, и беше објавена по грешка на почетокот на 2022 година, пред Министерството за одбрана да го забележи безбедносниот пробив во август 2023 година, кога дел од збирката податоци беше објавена на Фејсбук.