Освен по својата раскрсничка географска положба, Велес низ вековите бил и вистински центар за грнчарството – занает стар колку и самата цивилизација. Под прстите на мајсторите, обична грутка глина се претвора во уметност, во секојдневен предмет, во приказна.
Екипата на ТРТ Балкан разговараше со еден од последните чувари на оваа традиција- грнчарот Гоце Станчев. Со 15 години искуство зад грбот, тој и неговата сопруга го негуваат занаетот со љубов која, како што вели, не ја наследиле – туку самите ја откриле.
„Грнчарството не се учи лесно. Ни да го совладаш, ни да го издржиш. Сепак, кога еднаш ќе ти влезе под кожа – станува начин на живот“, вели Станчев.
Грнчарството, како што објаснува Станчев, е еден од најстарите занаети на светот. Поминало низ векови турбуленции и повторно, некако, опстоило. Но денес е на работ на исчезнување.
„Можеби сме последната најмлада генерација на грнчари во Македонија. Во Велес има уште тројца-четворица, во цела држава – едвај десетина“, вели тој со доза на тага. Иако бројката е мрачна, сепак, Велес останува симбол.
„Тука работеле и до 30 мајстори некогаш. Голема заслуга има и фамилијата Левкови – нивните производи се продавале низ цела Европа.“
Но токму во овие тешки времиња, Станчев гледа потенцијал. „Ова е еколошки производ. Храната подготвена во глинен сад има посебен вкус. И денес има побарувачка – само нема кој да работи“, вели тој. Надвор од Македонија, додава, грнчарството е на високо ниво – ценето, барано, поддржано.
Како претседател на здружението „Разбој“, Станчев и неговите соработници се борат да ја оживеат оваа уметност. Преку проекти, соработка и промоција, се обидуваат да ѝ дадат нов здив.
„Секогаш сум подготвен да ја отворам својата работилница. Кој сака да учи – нека дојде. Вистинскиот занаетчија завршил работа дури кога ќе најде кому да го пренесе знаењето.“
Во Велес веќе се појавуваат нови работилници – простори каде младите имаат можност да ја допрат глината, да ја осетат нејзината тежина, но и нејзината магија.
„Грнчарството не е само занает. Тоа е уметност. Почнуваш со една грутка земја и завршуваш со нешто што ќе живее со некого дома“, вели Станчев.
Грнчарството не е само вештина на обликување – туку потсетник дека убавото бара трпение, дека рацете што создаваат – всушност, оживуваат културна меморија. И можеби, наместо да згасне, овој занает повторно ќе заживее – во срцата на некоја нова, млада генерација креативци.