Израел води злосторничка политика и со таа држава не треба да се има работа бидејќи дел од неговото раководство е составено од криминалци, изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
„Израел може да прави што сака, тоа го прави со децении. Мислам дека со таква држава и со такво државно раководство не треба да се има работа. Тоа е едноставно криминална политика што не води никаде и која, за жал, има поддршка од Вашингтон“, рече Милановиќ во денешната изјава за новинарите.
Израел го започна својот конфликт со Иран во петокот со ненадеен и масовен воздушен напад во кој беа убиени речиси сите врвни воени команданти на Иран и неговите водечки нуклеарни научници и беше оштетена неговата нуклеарна програма. Иран одговори со серија напади врз израелски градови.
Израелската операција во Газа против Хамас трае веќе година и пол, со бројни цивилни жртви.
Милановиќ, исто така, се запраша каков е американскиот интерес во ова.
„Некој сака да предизвика светски конфликт, го прави тоа насилно, корумпирано и користи американско оружје“, рече тој.
Милановиќ вели дека политиката на Израел мора отворено да се дискутира.
„За она што се случи пред 100 години, Холокаустот, не сум одговорен јас, ниту пак е одговорен некој од денешната хрватска политика. Затоа, мора да зборуваме без никаков комплекс и какво било можно, за мене неразбирливо, чувство на некаква преостаната античка вина. Криминалците треба да се нарекуваат со нивното вистинско име, а дел од раководството на сегашната израелска влада се криминалци“, рече тој.
Тој исто така рече дека воопшто не го интересира што ќе мисли израелската амбасада тука или нивното Министерство за надворешни работи за неговите зборови.
Тој заклучи дека Хрватска треба да ја признае Палестина.