„Граѓаните се должни да знаат и со право се загрижени од информациите дека ќе се прават бегалски кампови во повеќето градови низ Македонија, а особено се загрижени од фактот што Социјалдемократскиот сојуз на шверцерски начин ќе може да даде државјанства на преку 200.000 бегалци, со цел нивно трајно вдомување и населување во државата. Ваквиот несериозен потег на Социјалдемократскиот сојуз ќе направи сериозно нарушување и дисбаланс во демографската структура на Република Македонија.“
Ова е изјава на Орце Николовски од ВМРО-ДПМНЕ. Изјавата е стара речиси осум години, односно кажана на прес-конференција одржана во август 2017 година, во време кога ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција и кога тврдеше дека во земјава ќе се градат бегалски капови и ќе се прифаќаат белгаци.
По осум години подоцна, во земјава нема бегалски кампови ниту бегалци, но повторно има наводи и тврдења во медиумите за изградба на бегалски кампови и прифаќање бегалци и мигранти. Овие шпекукации се појавија во домашните и странските медиуми во пресрет на постигнувањето на Договорот за стратешко партнерство помеѓу македонската и британската влада, со кој владините претставници истакнаа дека на земјава на распололагање и се ставаат 6 милијарди евра за финансирање на капитални проекти.
И додека македонскиот премиер Христијан Мицкоски и британскиот амбасадор Метју Лосон категорично тврдат дека стратешкиот договор со Велика Британија не предвидува бегалски кампови и дека таа тема е затворена, лидерот на опозицијата, Венко Филипче, претседателот на Социјал-демократскиот сојуз, на прес-конференција одржана во изминативе денови го отвори прашањето за прифаќање на изградба мигрантски кампови во земјава.
„Упатувам прашање до владата, дали навистина се спремни со Велика Британија да разговараат за сместување на емигранти во нашата земја?“, рече Филипче на неодамна одржаната прес-конференција.
Ваквите дневно-политички препукувања помеѓу политичките партии, кои како важни општествени чинители имаат големо влијние врз обликуваањето на јавното мнение, го изнесоа на пиедестал прашањето за тоа колку ваквите наративи, особено од страна на политичите партии одат на штета на јавниот интерес.
Ксенофобија и паника наместо рационална дебата
Проф. Д-р Сеад Џигал, специјалист за комуникации и нови медиуми од Меѓународен балкански универзитет, за ТРТ Балкан вели дека овој наратив од страна на главните политички чинители сериозно му штети на јавниот интерес и на јавноста генерално, особено во однос на перцепцијата на граѓаните за чувствителни теми како што се мигрантите, бегалцитe и нашата безбедност.
„Кога политичките партии, без разлика дали се на власт или во опозиција, користат теми поврзани со бегалци, мигранти или меѓународни договори како алатки за пропагандна манипулација, тоа доведува до неколку штетни последици: се создава страв и недоверба така што ваквите содржини често се градат врз нецелосни или лажни информации (дезинформации), со што се поттикнува страв кај граѓаните. Наместо рационална дебата, се продуцира паника или ксенофобија. Исто така, се врши поларизација на општеството. Кога политичарите ги користат мигрантите како „непријател“ или „закана“, тоа го продлабочува јазот помеѓу различните групи во општеството и ја зголемува нетолеранцијата“, вели Џигал.
Појаснува дека злоупотребата на безбедносните теми е сериозен проблем.
„Честото поврзување на миграцијата со безбедносни ризици, без реални докази, создава лажна претстава за опасност и ја искривува јавната перцепција. Кога јавноста постојано е изложена на вакви дезинформациски кампањи, се намалува довербата во институциите, медиумите и во самата демократија“, смета Џигал.
Како што истакнува, често се појавуваат вакви пропагандни содржини како популистичка стратегија пред избори.
„Очигледно е дека темата се активира пред избори со цел да се сврти вниманието од вистинските проблеми и да се мобилизира поддршка преку манипулација со чувствителни теми.Накусо, овој вид политички наратив не само што ја манипулира јавноста, туку и го поткопува капацитетот за рационална и информирана дебата за важни прашања. Важно е медиумите, стручната јавност и граѓанскиот сектор да ги разобличуваат ваквите стратегии и да придонесат кон повисоко ниво на медиумска писменост и критичко размислување во јавноста“, заклучува Џигал.
Реџепи: Бегалците и мигрантите не бараат милостина, туку заштита
Јасмин Реџепи од хуманитарната невладина организација Легис, која со години активно работи на прашањата поврзани со бегалците и мигрантите, во разговор за ТРТ Балкан, истакнува дека миграцијата како појава е стара колку и човештвото, а дека во општество е повеќе нагласена во последниве десетина години, по милионскиот бран во 2015 и 2016 година. Како што нагласува Реџепи, истата појава и тогаш и сега се користи за дневно-политички обвинувања.
„Не треба да заборавиме дека транзитните центри во Гевгелија и Табановце, популарно наречени кампови, беа отворени токму за време на сегашната владејачка гарнитура, па нема да нè чуди повторување на истото, без разлика на нивниот наратив кога се во опозиција. Во исто време беше напишана и националната стратегија за бегалци и странци, за која по преминувањето во опозиција ја опструираа власта за нејзино донесување. Значи, кој и да е на власт, под притисок на големите ќе направи сè што треба, а пред граѓаните ќе глумат престава“, вели Реџепи.
Тој додава и дека доколку има интерес за останување на бегалци или мигранти во земјава, тоа треба да е преку процес на интеграција и на истите треба да им се овозможи пристап до пазарот на трудот и придонесување кон економијата.
„Тие не бараат милостина, туку заштита и еднакви права за сопствена грижа, како и новите работници кои доаѓаат во земјава“, вели Реџепи.
Во однос на моменталната ситуација во транзитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија, информира дека таму моментално се наоѓа само шестчлено семејство.
„Бројките на оние кои сакаат да останат во државава се минимални. Поголемиот број само има за цел да транзитира низ државава. Капацитетите за сега се доволни. Но дотраени. Има голема потреба за реновирање на инфраструктурата во Винојуг. Потребно е отстранување на непотребно паркираните возила одземени од криумчарите, кои ни пречат во работата и претставуваат ризик за безбедноста на вработените во центарот“, додава Реџепи.
Според податоците од Центарот за надворешна политика на Србија, споделени на 22 мај на конференцијата „Мигрантска криза и Западен Балкан“ во Белград, на тлото на Европа во последите десетина години влегле 29 милиони мигранти.
Податоците на Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци (МАРРИ), покажуваат дека низ Балканската рута во 2015 и 2016 година поминале над 1,1 милион луѓе.