Преспанското Езеро е веќе во фаза во која и жителите и експертите како да го очекуваат крајот. Речиси е извесно дека едно од најстарите природни езера, не само во регионот, туку и во Европа, неминовно води кон пресушување.
Последиците од климатските промени кои се засилија во последната декада на глобално ниво, како само да се вклопија во општиот наратив дека против природата не се може, и како да се амнестира човечкиот фактор кој и најмногу придонесува за уништување на водите во Преспа.
Но, дали конечно постои јасна волја и визија како да се спаси Преспанското Езеро од целосно исчезнување.
Јас сум Христијан Станоевиќ, а вие ја слушате новата епизода на ТРТ Балкан.
Што презема проектот „ЕУ за Преспа“?
Неодамна се одбележа Светскиот ден на животната средина, а токму преспанскиот крај како еден од најпогодените, повторно беше во фокусот на вниманието поради проблемите со одржливоста, загрозувањето на биодиверзитетот и квалитетот на живот.
Проектот ЕУ за Преспа со кој се предвидени дваесетина милиони евра, ќе овозможи, меѓу другото изградба на фекални канализации и пречистителни станици во повеќе преспански села.
„Почнуваме многу важен проект за овој регион, а тоа е третирање на атмосферските води, односно изведба на канализациони системи за да се зачува биолошката разновидност околу Преспанското Езеро. Овој регион треба да ги привлекува сите туристи за да бидат сигурни дека животната средина може да се зачува. Овој проект придонесува кон зачувување на животната средина“, истакна амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје Михалис Рохас.
Освен изградба на канализациска мрежа, проектот опфаќа и одржливо управување со природните ресурси, намалување на употребата на пестицидите во одгледувањето јаболка и спречување на прекумерното исмпупување вода за наводнување на земјоделските насади.
Тоа што е поважно е заложбата на Европската Унија да ја поттикне меѓуграничната соработка на македонска, грчка и албанска страна на Преспа.
Неповратна загуба на автентичноста на Преспа
Преспанското Езеро е дом на над 2.000 видови птици, риби, цицачи и богата фауна, на кои им е неопходна водата за да не исчезнат целосно. Езерото старо меѓу 1 и 5 милиони години изгубило седум отсто од површината и половина од волуменот помеѓу 1984 и 2020 година.
Понатамошната деградација може да биде катастрофална за локалниот екосистем, но и за соседното Охридско Езеро кое се наоѓа на 10 километри западно.
Охридското Езеро, за да го одржи своето ниво, се потпира на подземните водни текови на Преспанското Езеро кое поради местоположбата е на повисоко место.
Сепак, долгорочните последици се чинат како проблем на некоја идна генерација, додека сега фокусот е ставен на економска експлоатација и одржување на воспоставените норми и навики кои тешко се менуваат.
Тоа беше се за оваа епизода на БалканКаст, до следниот пат останете информирани и чувајте ја вашата околина.