Во израелски напад во Газа беа убиени мајка и нејзините три деца. Трамп најави нова царина од 50% за Бразил. Во руски напад врз Киев загинаа најмалку две лица. Бурханетин Дуран е назначен за нов директор за комуникации на Туркије, а во Тексас поплавите од минатиот викенд однесоа 120 животи, а се трага по уште над 170 исчезнати лица.
Слушате Блиц вести на ТРТ Балкан на македонски, денеска е четврток, 10 јули
Израелски напад во Газа: Мајка и три од нејзините деца убиени
Во израелски напад врз семејниот дом на семејството Кадалах во јужниот град Кан Јунис, беа убиени Палестинката Асја Кадалах и нејзините три деца – Јахја, Муса и Ибрахим Меџди. Според извештаите од теренот, во истиот напад се ранети уште 15 лица, вклучувајќи го и сопругот на убиената жена. Телата на мајката и децата, како и повредените, беа однесени во болницата Насер во Кан Јунис.
Трамп воведува царини од 50 проценти за Бразил
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп вчера објави дека неговата администрација ќе воведе царина од 50 проценти за бразилските производи извезени во САД, почнувајќи од 1 август. Трамп ја покажа одлуката во писмо, објавено на социјалната мрежа Вистина (Truth Social), упатено до претседателот на Бразил, Луиз Инасио Лула да Силва, во кое се наведува дека новата царина ќе биде воведена „независно од постојните секторски царини“, пренесува Ројтерс.
Најмалку двајца загинати во рускиот напад врз Киев
Во рускиот напад врз Киев со балистички ракети и беспилотни летала во текот на ноќта, две лица биле убиени, а најмалку 13 се повредени, објави началникот на Воената администрација на градот, Тимур Ткаченко. „За жал, имаме две потврдени смртни случаи. Овие луѓе беа убиени од Руси. Тоа е ужасна загуба“, напиша Ткаченко на Телеграм.
Бурханетин Дуран назначен за нов директор за комуникации на Туркије
Заменик-министерот за надворешни работи Бурханетин Дуран е назначен за директор за комуникации на Туркије, објави рано во четвртокот Турскиот службен весник. Тој го наследува Фахретин Алтун, кој ја извршува функцијата од 25 јули 2018 година. Дуран дипломирал на Универзитетот Богазиџи, политички науки и меѓународни односи во 1993 година, а докторирал на Универзитетот Билкент во 2001 година.
И за крај на денешниот блиц...
Тексас: Бројот на жртви од поплавите се искачи на 120, се трага по повеќе од 170 исчезнати лица
Бројот на жртви од поплавите што го погодија централниот дел од американската држава Тексас се искачи на 120, додека потрагата по повеќе од 170 исчезнати лица е сè уште во тек. Поплавите се случија минатиот викенд по катастрофална бура што предизвика брзо зголемување на нивото на реката Гвадалупе. Само во округот Кер сè уште се бараат 161 лице, а тој округ претрпе најголема штета.
Тоа е сѐ за денешните блиц вести. За повеќе посетете нѐ на macedonian.trtbalkan.com