РЕГИОН
5 мин читање
Враќање во иднината
Додека Белград се подготвува за ЕКСПО 2027 со изградба на речиси нов град, а Загреб почнува да гради нов Конгресен центар во рамките на саемот, оптимистична е најавата на Владата за изградба на ново скопско сајмиште и враќање на духот на метрополата
Враќање во иднината
Дело на Славко Ѓуриќ и Благоја Мицевски, Саемот беше изграден во 1972 со 16.000 км2 затворен простор во шест саемски хали (Фото: architectuul.com) / Others
29 јуни 2025

Пред шест децении, во 1967 година, фудбалскиот клуб Динамо од Загреб го освои Купот на саемските градови, прва европска титула која ја освоил некој клуб од поранешна Југославија.

Во тогаш престижното фудбалско натпреварување, формирано во 1955 година, можеа да учествуваат само европски градови кои имат репрезентативни сајмишта, а како што сугерира самото име, Купот беше организиран за промоција на меѓународни саемски изложби.

Купот на саемските градови во 1971 година беше заменет со Купот на УЕФА, но престижот и значењето на саемите остана непроменето.

Загрепскиот саем е основан во 1909 година и е еден од најстарите саеми во овој дел од Европа, но Загреб знае што значи саем и знае дека не може да се живее во минатото.

Нов Конгресен центар во Загреб

Градот Загреб минатиот месец почна со реализација на проектот за изградба на нов Конгресен центар, кој ќе биде место за развој на конференциски туризам, јавни објекти за загрепчани и бизниси од приватниот сектор, а ќе се гради на просторот на саемот. 

Објектот ќе биде опремен со напредна технологија, со главна сала со капацитет од 2.500 седишта, помала сала со 600 седишта и уште шест модуларни сали со по 150 седишта, со дополнителни сали за состаноци. Планирани се и 600 паркинг места во подземната гаража на Конгресниот центар.

Покрај Конгресниот центар, планирана е изградба на простор за културни настани во просториите на Загрепскиот саем, исто така како јавна инвестиција. Проценетата вредност на јавната градска инвестиција во Конгресниот центар е 51 милион евра без ДДВ, со почеток на изградба во 2027 година, а отворање на новиот центар на почетокот на 2029 година.

Но не е само Загреб. И Белград, саемски град со традиција подолга од осум децении, го надоградува и излегува од границите на постоечкиот саем.

Иако го критикуваат како политички проект, ЕКСПО 2027 е повеќе од тоа.

Специјализираната изложба EКСПO ќе се одржи во Белград од 15 мај до 15 август 2027 година, со тема „Играј за човештвото - спорт и музика за сите“. Засега е потврдено учество на околу 120 држави, а се очекуваат повеќе од четири милиони посетители во текот на 93 дена

Белград ЕКСПО 2027 и Јусеин Болт

Комплексот ЕКСПО, во близина на аеродромот Сурчин во моментов е најголемото градилиште на Балканот, со иновативни градежни технологии и нови урбани решенија. 

Сите градби на специјализираната светска изложба, меѓу кои и новиот Национален стадион ќе останат во трајна функција по изложбата, а половина од објектите ќе бидат основа за новиот Белградски саем.

Павилјоните подоцна ќе бидат претворени во три училишта, три градинки и 22 фискултурни сали. Освен тоа, Белград ќе добие образовна, културна уметничка зона од 45.000 квадратни метри.

Првиот официјален амбасадор на ЕКСПО 2027 е легендарниот Јусеин Болт, еден од најголемите атлетичари и спортиси на сите времиња, а најавено е дека ќе му се придужат уште неколку светски познати личности.

А спортисти од овој калибар Скопје имаше можност да нагости во далечната 1972 година за време на Шаховската олимпијада. Анатолиј Карпов, Тигран Петросиан, Јан Тиман, Виктор Корчној и многу други од плејадата најдобри шахисти на сите времиња своите потези ги влечеа на шаховските табли во објектите на новоизградениот Скопски Саем.

Од Карпов до Фицек

Изграден истата година од врвните македонски архитекти Славко Ѓуриќ и Благоја Мицевски на површина од 25.000 квадратни метри, од кои 16.000 затворен простор во шест саемски хали, функционално и архитектонски обликувани и поврзани во оригинална целина, саемот беше обележје на градот.

Но Скопје од 2018 година е град без саем, срушен од икс причини, но пред сѐ, бидејќи државата немаше сенс за неговото значење или не сакаше да се потруди да го сочува.

Скопјани веќе заборавија како изгледаше Саемот за мебел, Саемот за иновации Макинова, Модните недели, Новогодишните саеми…

А дека главниот град има потреба од специјализиран и мултифункционален комплекс се покажа на неодамнешниот традиционален Саем на книга, кога германскиот автор на бестселери, Себастијан Фицек цели шест часа ги потпишуваше своите книги. „Повеќе од што потпишував на Саемот во Франкфурт“, забележа Фицек.

Убаво, но и поразително во исто време кога љубителите на неговите дела чекаа во редици кои се протегаа далеку од Салата „Борис Трајковски“, која последниве години ја има „честа“ да биде домаќин на Саемот на книга, иако  релано во неа може комотно да излагаат само две -три поголеми издавачки куќи.

Сепак, оптимистички вести дојдоа неодамна од Владата, од каде информираа дека се одржала работна средба со претставници на „Скопски саем“, на која е дискутирано за потребата и важноста од изградба на нов саемски комплекс во Скопје, конкурентен на регионалните и меѓународните пазари.

Може само да се надеваме дека нема да остане само на разговори бидејќи и новите генерации заслужуваат да почуствуваат како изгледаат и звучат концерти во преполната саемска сала на ѕвезди од калибарот на Боб Дилан, Крафтферк и други во чии изведби во минатото уживаа скопјани.

Изградбата на современ саемски комплекс ќе ги отвори вратите за нови можности и ќе го врати изгубениот дух на метрополата. 

Автор: Игор Шегавиќ

Напомена: Ставовите изразени во овој напис му припаѓаат на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на ТРТ Балкан


Повеќе
ЕУ: Подготвуваме противмерки за царините на Трамп, последиците ќе бидат страшни за милиони луѓе
Трамп прогласи економска независност и воведе реципрочни тарифи ширум светот
Трамп очекува наскоро Маск да се повлече од Белата куќа
Министерот Фидан ќе присуствува на состанокот на НАТО во Брисел
Бројот на загинати во земјотресите во Мјанмар надмина 3.000
Произраелските групи притискаат да се прекине мандатот на Франческа Албанезе во ОН
Протест во Сараево поради лошата економска ситуација и високите трошоци за живот
Сојузот на синдикати на С. Македонија на протест, бара зголемување на минималната плата на 500 евра
Кристин Лагард: Тарифите на Трамп ќе имаат негативни последици ширум светот
Сијарто најави дека Унгарија и Србија ќе градат нов нафтовод до 2028 година
Велика Британија воведе електронски дозволи за влез на европските државјани
Косово сака да потпише договор за стратегиска соработка со Велика Британија во областа на одбраната
Мицотакис: Грција има намера да потроши 25 милијарди евра за одбрана во наредните години
Вучевиќ: СНС утре ќе дојде на консултации кај Вучиќ со неколку имиња за мандатарот на новата влада
Кандидатот за врховен судија во кој Маск вложи милиони долари загуби на изборите во Висконсин
Погледнете во TRT Global. Споделете го своето мислење!
Contact us