Судскиот процес за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски заврши со очекувана пресуда- доживотен затвор за обвинетите.
Очекувана од аспект на притисокот на јавноста и шокот што овој случај го предизвика и, според кривичниот законик, максимално заслужена поради ѕверскиот начин на егезкуција, пред се на Вања.
Но контроверзен од самиот почеток, случајот и по првостепената судска разрешница останува дискутабилен.
Аматеризмот во полициската истрага по исчезнувањето на Жежовски и целозната конфузија на обвинителките и недоречености на обвинението фрлаат дамки и врз самата пресуда.
Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се осудени за егзекуцијата на Вања и Панче, но таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски е ослободен од обвинението дека им помогнал на убијците, кодошејќи ја сопствената ќерка.
Така целото обвинение базирано врз изјавите на осудените, како и на наводното учеството на Александар во заверата, паѓа во вода со пресудата.
Според кривичната постапка, обвинителството треба да докаже дали некој е виновен или да ја докаже поврзаноста на некој обвинет со друго лице релевантно за случајот, како и со одредени предмети, дејствија и слично.
Но обвинителството не докажа дека постои врска и комуникација меѓу Ѓорчевски и Палевски, како ниту со другите обвинети, а не се ни обиде и сметаше дека нивната претпоставка е доволна за да се убеди јавноста и судскиот совет.
А таа е дека таткото им оддал информации на убијците дека Вања на 27 ноември ќе оди сама на училиште. А според ОЈО, тој факт можеле да го знаат само родителите.
За обвинителството не беше релеватно ниту што не е пронајдено оружјето со кое е извршено убиството, а не се ни потруди да го пронајде пиштолот на Видевски, за кој што имал дозвола и кој е со ист калибар со кое се изврешни убиствата.
Обвинителките не докажаа користољубие, за кое што тврдат дека е мотив за злосторството, односно дека Ѓорчевски преку Палевски со грабнувањето на Вања требало да извлече пари од нејзината мајка, односно негова поранешна сопруга.
А ако Александар не бил дел од заговорот, тогаш, зошто била грабната Вања, а и зошто била убиена пред некој за неа да побара откуп? Дали девојчето било грабната по грешка, а требало да бида киднапиран некој друг? Најважното прашање зошто Вања е убиена остана неодговорено.
Начинот на кој обвинителството ја водеше истрагата и судската постапка е еден сегмент на случајот, а втората е полициската истрага.
Останува дилемата дали можеби Вања немаше да биде убиена, ако беше подобро изведена потрагата по Жежовски.
Неговото исчезнување било пријавено на 24 ноември, заедно со неговиот автомобил „цитроен“ со кој беше грабната Вања, кога било наведено дека Панче исчезнал на 22 ноември, пет дена пред убиството на Вања.
Задоволување на правдата е основната цел на судската постапка, но пресудата не ги увери граѓаните дека нивните деца се безбедни, исто како и по исчезнувањето на Вања, кога се ширеа секакви теории и стравот дека некој грабнува деца тукутака.
Одбраната на обвинетите најави дека ќе ја обжали пресудата, а истото ќе го направи и обвинителството, кое не се согласува со ослободувањето на Ѓорчевски. И можеби е навистина виновен, но тоа мора да се докаже.
Дали ќе остане истата пресуда, или повисоките судски инстанци ќе ја променат за Ѓорчевски и останатите осудени ќе покаже времето, но таткото на Вања ќе остане жигосан, доживотно.
Автор: Игор Шегавиќ
Напомена: Ставовите изразени во овој напис му припаѓаат на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на ТРТ Балкан