Речиси по една и пол деценија од најавата на правосудните власти за воведување на алки за електронски надзор на притвореници, директорот на Управата за извршување на санкции деновиве стана првиот на чија нога е ставен таквов уред.
Секако, само за проба на системот за електронски надзор на затвореници кои казната ќе ја издржуваат дома, а со кој започнува нова фаза во македонскиот казнено-поправен систем.
Откако во 2015 година беа набавени 400 вакви алки државата конечно е пред примена на една од најпрактичните алатки на казнената политика, иако идејата за примена на електронски надзор на затворениците се јави неколку години претходно, речиси истовремено со Системот безбеден град, кога беа поставени првите камери за „ловење“ на несовесните возачи.
Но и двата проекти поради безброј технички и институционални причини беа оставени на чекање, иако од камерите поставени по скопските улици полицијата имаше корист во истрагите.
За тоа време, додека алките набавени со донации фаќаа прашина, цела генерација осуденици за тешки кривични дела со над десетгодишни казни излегоа од затворите, не мал број притвореници во куќен притвор ѝ избегаа на правдата, а се сменија неколку Закони за пробација.
Министерот за правда вели дека електронските алки не се само технолошки уреди туки се алатка за реформа и симбол на една нова, современа пробациска политика.
Современа, да, но, иако доцниме со децении, не е предоцна. Подобро сега отколку никогаш.
Дополнително, со новиот Закон за пробација, чиј предлог е веќе подготвен во Министерството за правда ќе се воспоставува правна рамка која овозможува поширока примена на куќен притвор, условен отпуст и ресторативна правда, сето тоа под буден, но хуман надзор.
Состојбата во македонските затвори е рак-рана на земјата од нејзиното осамостојување и е цел на постојани критики на европските институции и организации за човекови права.
Најголемиот проблем е пренатрупаноста, која повлекува низа други проблеми за осудениците во земјава, или 2.225 колку што има во затворите, според последните статистики на Управата за извршување на санкциите, а за кои има само 2.113 легла.
Не е мал бројот ниту на притвореници- 374 кои чекаат да завршат истражните постапки или да добијат правосилни пресуди.
Сега законската рамка дозволува три категории затвореници да бидат префрлени во домашен затвор со електронска алка: стари и изнемоштени лица, бремени жени или мајки со мали деца, како и тешко болни затвореници.
Самиот процес може да биде инициран на два начина- или затвореникот сам поднесува барање до надлежниот суд, или затворот иницира таква постапка за одреден осуденик.
Во моментов најмалку 60 осуденици веднаш можат да добијат електронска алка.
Не е мал ниту бројот на притвореници или лица кои се под истрага на кои може да им се одреди куќен притвор и да им се стави алка заради обезбедување на нивното присуство во текот на кривичната постапка, со што особено би се намалиле обвинувањата дека притворот се користи како средство за политички реваншизам.
Алката, која се поставува на ногата на осуденикот, преку ГПС предавател е поврзан со централен софтвер за 24-часовен мониторинг преку кој се следи неговото движење. Секое отстапување на движењето надвор од одредениот простор автоматски се евидентира од пробациската служба која треба да ѝ сигнализира на полицијата.
Но електрониката е едно, а човечкиот фактор е друга работа.
Сепак, алките за надзор се само една од неопходни реформи во правосудниот систем кои треба да ја вратат довербата на граѓаните во системот,
Затоа е во право министерот за правда кој ги охрабри судиите да пристапат кон пробацијата многу похрабро за да ја отстранат црната дамка која што досега стоеше врз изречените мерки- куќен притвор.
Автор: Игор Шегавиќ