Израелскиот кабинет за безбедност донесе одлука за целосна окупација на Газа, за Палестина ова претставува опасна и нелегална ескалација, Трамп би се сретнал со Путин и ако рускиот претседател не се сретне со Зеленски. Следите блиц ести на ТРТ Балкан на македонски јазик, за петок 8 август.
Израелскиот кабинет за безбедност донесе одлука за целосна окупација на градот Газа
Израелскиот кабинет за безбедност одобри план за преземање на контролата врз градот Газа како дел од пошироката стратегија за пораз на Хамас, додека го отфрли алтернативниот предлог, наводно поднесен од началникот на Генералштабот на израелската армија, генерал-потполковник Ејал Замир, објави Гардијан.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека кабинетот со огромно мнозинство го одобрил неговиот предлог врз основа на пет принципи за завршување на војната во Појасот Газа.
Овие принципи вклучуваат: разоружување на Хамас, враќање на сите заложници (живи и мртви), демилитаризација на Газа, воспоставување израелска безбедносна контрола и формирање алтернативна цивилна администрација која не е ниту Хамас ниту Палестинската самоуправа.
Палестинско МНР: Израелскиот план за Газа претставува опасна и нелегална ескалација
Палестинското Министерство за надворешни работи денеска објави дека одлуката на Израел да го окупира Појасот Газа ја открива вистинската природа на неговата војна, „неоправдана кампања против палестинските цивили“.
Во соопштението, министерството го осуди новоодобрениот план на израелскиот кабинет за безбедност како „опасна и нелегална ескалација“.
„Оваа одлука открива дека израелската војна никогаш не била одбранбена; таа отсекогаш била војна на истребување и присилно раселување против народот на Газа“, соопшти министерството, предупредувајќи на „сигурна смрт“ на цивилите што останале во појасот. “Овој развој на настаните не може да се игнорира“, соопшти министерството.
Трамп: Би се сретнал со Путин дури и ако рускиот претседател не се сретне со Зеленски
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, синоќа изјави дека ќе се сретне со претседателот на Русија, Владимир Путин, дури и ако рускиот претседател не се сретне со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Путин вчера изјави дека се надева дека ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп следната недела, евентуално во Обединетите Арапски Емирати, иако функционер на Белата куќа го доведе во прашање одржувањето на самитот ако рускиот претседател не се согласи и на средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Изјавата на Путин дојде пред рокот поставен од Белата куќа, до кој Москва треба да покаже напредок кон завршување на тригодишната војна во Украина или ќе се соочи со дополнителни санкции, наведува Асошиејтед Прес.
САД нудат 50 милиони долари за информации што ќе докажат дека Мадуро е шеф на нарко-картел
Американскиот Стејт департмент и Министерството за правда објавија награда до 50 милиони долари за информации што ќе доведат до апсење или осуда на венецуелскиот претседател Николас Мадуро за наводно кршење на американските закони за наркотици.
Наградата, понудена во рамките на Програмата за награди за борба против наркотици, претставува значително зголемување на напорите на американската влада да го изведе Мадуро пред лицето на правдата.
Ова го дуплираше претходниот налог, утврден во јануари на 25 милиони долари.
Фидан ја потврди поддршката на Туркије за волјата на сирискиот народ
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан вчера изјави дека Анкара ќе продолжи да стои покрај сирискиот народ и да ги поддржува нивните легитимни аспирации и волја.
„За време на секоја моја посета, лично го забележувам напредокот што Сирија го постигна во многу области“, напиша Фидан на X за својата посета на Сирија, истакнувајќи дека ова е негова трета посета на Дамаск во деветте месеци од падот на режимот на Башар ал-Асад.
Тој рече дека „под водство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и претседателот Ахмад ал-Шара, се решени да ја продлабочат соработката во сите области.
На средбата со Шара, Фидан рече дека разговарале за широк спектар на прашања, вклучувајќи трговија, инвестиции, транспорт и енергија
Тоа беше се за денешните блиц вести. За повеќе информации посетете не на macedonian.trtbalkan.com.