Трамп воведе царини од 100% за увоз на чипови и полупроводници. Рубио откри дека Вашингтон ги разбра условите на Москва за завршување на војната во Украина, додека Моди се противи на компромитирање на интересите на индиските земјоделци по новите царини на САД. ОН известуваат дека Палестинците во Газа имаат пристап само до 1,5% од обработливото земјиште, а Туркије и Сирија потпишаа договор за Бизнис-совет.
Слушате Блиц вести на ТРТ Балкан на македонски, денеска е четврток, 7 август
Тaрифите на Трамп стапија во сила, а тој најави нови од 100% за увоз на чипови и полупроводници
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека неговата администрација ќе воведе царинска стапка од околу 100 проценти за увоз на полупроводници и чипови, но нагласи дека новата мерка нема да се однесува на компаниите што произведуваат во САД или се обврзале да го сторат тоа наскоро. Оваа мерка е поширока стратегија на администрацијата за враќање на производството во Америка, а објавата следеше паралелно со објавата на Епл за дополнителни инвестиции во износ од 100 милијарди долари на американскиот пазар.
Рубио: Сега подобро ги разбираме условите на Москва за завршување на војната во Украина
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Вашингтон подобро ги разбира условите под кои Москва би била подготвена да ја заврши војната во Украина откако специјалниот американски пратеник Стив Виткоф се сретна со рускиот претседател Владимир Путин. „За првпат од почетокот на работата на оваа администрација, имаме конкретни сигнали за тоа што Русија би барала за да се стави крај на војната. Клучните елементи за завршување на војната ќе бидат териториите“, рече Рубио.
Моди за царинските напади од Трамп: Индија нема да ги компромитира интересите на земјоделците
Индискиот премиер Нарендра Моди изјави дека нема да ги компромитира интересите на земјоделците во земјата, дури и ако мора да плати висока цена за тоа, во своите први коментари по наметнувањето на царина од 50 проценти на индиската стока од страна на американскиот претседател Доналд Трамп. Трамп објави дополнителна царина од 25 проценти за јужноазиската нација во четврток, со што вкупниот данок на индиската стока што се извезува во САД достигна 50 проценти - меѓу највисоките наметнати на кој било трговски партнер на САД. „За нас, благосостојбата на нашите земјоделци е најважна“, рече Моди денес.
ОН: Израел остави само 1,5% од обработливото земјиште во Газа на гладните Палестинци
Според најновите податоци од Обединетите нации (ОН), уништувањето на Газа од страна на Израел ги остави гладните Палестинци со пристап до само 1,5 проценти од обработливото земјиште кое е достапно и погодно за обработка. Ова е пад од четири проценти во однос на ситуацијата во април, според податоците од Организацијата за храна и земјоделство (ФАО), што укажува дека Израел продолжил да го таргетира палестинското земјоделско земјиште од почетокот на целосната блокада на почетокот на март, сериозно ограничувајќи ја помошта да влезе во Појасот Газа, каде што се заробени два милиони гладни луѓе, според извештајот на ОН објавен од Гардијан.
И за крај на денешниот блиц...
Туркије и Сирија потпишаа договор за формирање Бизнис-совет
Туркије и Сирија денес потпишаа Меморандум за разбирање за формирање Бизнис- совет за повторно воспоставување институционална соработка меѓу двете земји, соопшти турското Министерство за трговија. Тркалезна маса се одржа под претседателство на сирискиот министер за економија и индустрија Нидал Ал-Шар, со сириската делегација и заменик-министерот за трговија на Туркије, О. Волкан Агар, со учество на бизнисмени членови на Одборот за надворешни економски односи (ДЕИК), истакна Министерството.
Тоа е сѐ за денешните блиц вести. За повеќе посетете нѐ на macedonian.trtbalkan.com