Апелациониот оддел на Судот на Босна и Херцеговина ја отфрли жалбата на Милорад Додик против одлуката на Централната изборна комисија, со која му беше одземен мандатот како претседател на Република Српска, потврди Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина.
На седницата одржана на 6 август, ЦИК на БиХ донесе одлука за прекинување на мандатот на Милорад Додик.
Оваа одлука беше донесена неколку дена откако Судот на Босна и Херцеговина објави дека Додик е правосилно осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција во Босна и Херцеговина поради непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит.
Одбраната на Додик, пак, побара Судот затворската казна да ја замени со парична, како што дозволуваат законите во пресуди до 12 месеци затвор, по што претседателот на Српска ја откупи казната за 18.200 евра.
Додик, пак, претходно денес од Бањалука објави дека на крајот на септември ќе се одржи референдум, на кој граѓаните на РС треба да одговорат дали прифаќаат високиот претставник во БиХ да донесува одлуки.
Во истото обраќање, Додик рече дека нема да има предвремени избори во Српска и најави втор референдум во рок од 90 дена од првиот, на кој ќе се прогласи статусот на Република Српска.
„Бараме почит и слобода, што ќе помине преку референдумот. Тоа е нашата порака - вратете нè на Дејтонскиот мировен договор. Ќе го дадеме нашето мислење на референдумот што ќе се одржи на крајот на септември“, рече Додик.
Претходно денес и премиерот на Република Српска, Радован Вишковиќ поднесе оставка од оваа позиција и потврди на прес-конференција во понеделник дека ќе биде избрана нова Влада.
Тој изјави дека ја донел одлуката за оставка во согласност со претседателот на РС, Милорад Додик, членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, и претседателот на Собранието на ентитетот, Ненад Стевандиќ.
Додик, пак, изјави дека ќе го предложи името на претставникот за состав на Владата по консултации, во согласност со постапката предвидена со Уставот.