Рамковниот договор е потсетник на една длабока вистина- дека државата ја имаме само ако ја чуваме заедно, по пат на дијалог, на компромис и заедништво, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на свечената седница по повод одбележувањето на 24-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор.
„Денес, 24 години по потпишувањето на Рамковниот договор, стоиме овде не само да се потсетиме на еден историски датум, туку да се потсетиме на една длабока вистина -дека државата ја имаме само ако ја чуваме заедно. Летото 2001 беше едно од најтешките во нашата понова историја. Нашата татковина беше разнишана од конфликт, од страв, од неизвесност. Имаше мигови кога изгледаше дека ништо нема да остане исто, дека патот кон пропаст е неизбежен. Но тогаш, со храброст, со трпение и со визија, избравме пат на мир. Избравме пат на дијалог, на компромис, на заедништво“, рече Мицкоски.
Според него, за овие работи треба да се зборува отворено и без ракавици.
„Дали Македонците беа најсреќни со потпишување на Рамковниот договор? Убеден сум дека тоа не е така. Чувство на огорченост, гнев. Веројатно такво било чувството и кај Албанците. Системски и тешки реформи, менување на Уставот во услови на воен конфликт. Но да зборуваме отворено, Рамковниот договор 24 години потоа донесе мир. Донесе стабилност и обезбеди зачувана унитарност на Македонија“, рече премиерот.
Тој истакна дека Рамковниот договор не е само лист хартија, тој е симбол на зрелост, на храброст и на мудрост.
„Тој е потсетник дека, колку и да се разликуваме по јазик, вера, култура или етничка припадност - сите ние делиме една историја и една заедничка иднина. Тој е доказ дека Македонија може да биде дом за сите свои граѓани, и дека различностите се наша предност. Денес не живееме во 2001-та. Но денес, исто како и тогаш, сме пред избори – не избори на хартија, туку избори во срцето и умот. Ќе дозволиме ли повторно да се појават ѕидови меѓу нас? Ќе се препуштиме ли на поделби и недоверба? Или ќе го избереме патот кој тогаш го избравме – патот на заедништво, на почитување, на љубов кон татковината и меѓусебно разбирање?, изјави Мицкоски.
Според него, овој рамковен договор е и долго злоупотребуван од поединци и над 20 години има структури кои го користат национализмот како најдобра прекривка за заштита на криминалот и личните интереси.
„Впрочем таквиот национализам е последното прибежиште на оние кои направија кариери, стекнаа огромен капитал на грбот на народот кој го делат, и врз чии поделби опстојуваат во политиката. Со една рака пишуваат и делат во каков свет ќе се живее. Со другата, ја крадат земјата, стекнуваат имоти, хотели, трговски центри, скапи возни паркови. И не им пречи бојата на парите. Таквите поделби не ги решаваат проблемите на реалните луѓе кои бараат само едно, подобар живот за себе“, рече премиерот.
Мицкоски повика заедно да градиме и заедно да ги решаваме проблемите бидејќи Македонија е дом на сите нејзини граѓани и имаме обврска сите да обезбедиме подобра иднина за сите.
„Куферите кои си заминуваат немаат националност. Луѓето си одат, селата се празнат и Македонци и Албанци и Турци и Роми и Срби и Власи и Бошњаци и сите. Тоа се најдобрата порака на народот спрема оние кои 20 години манипулираат дека работат за нив, а постојано ги делат“, рече Мицкоски.
Според него, нашата татковина не е силна затоа што сме сите исти, туку затоа што сме различни, а сепак сме заедно.
„Силата е во тоа што е една држава, со едно срце, но со многу бои. 24 години се доволно време за да сфатиме дека мирот не е нешто што се подразбира – мирот е нешто што се гради секој ден. Тој бара трпение, бара почит, бара подготвеност да се слушне и другата страна. И бара политичари, граѓани, интелектуалци, работници, студенти- сите – да ја стават иднината пред личниот интерес“, изјави Мицкоски.
Владата е посветена на изградба на правен и институционален систем, кој гарантира реална, а не само формална еднаквост, изјави првиот вицепремиер, Изет Меџити.
Тој посочи дека последиците од формалната еднаквост се чувствуваат во земјата наведувајќи го примерот со, како што рече, половичниот Закон за употреба на албанскиот јазик, оспорен пред Уставниот суд, како и укинатиот механизам на балансерот од страна на судот.
Меџити истакна дека Уставниот суд во мултиетничка држава има стратешка мисија да го штити не само уставниот поредок туку и мирот меѓу заедниците, како и да ја гради меѓуетничката доверба преку аргументирани и транспарентни одлуки.
Владата, додаде тој, ја зајакнува употребата на јазиците во согласност со Охридскиот договор и Уставот, спроведува инклузивни политики во образованието и културата, гради мултиетничка државна служба и поддржува реформи во правосудството за независно и непристрасно судство.
Меџити посочи дека во тек е изработка на законот за правична застапеност, а вработувањата и унапредувањата во администрацијата продолжуваат наведувајќи дека оваа година е најуспешната од осамостојувањето на Македонија.
Тој нагласи дека Владата подготвува и закони што ја продлабочуваат локалната демократија, ја зголемуваат отчетноста кон граѓаните и им даваат повеќе надлежности на општините.
„Духот што сакаме да го инсталираме во нашето општество е дух на соживот, меѓусебна почит и заедничка надеж за иднината. Нема вистинска демократија без доверба и нема функционална држава без еднаквост“, рече Меџити додавајќи дека Охридскиот договор треба да се реализира во секојдневни закони, политики и институции, кои му служат на граѓанинот со чесност.