„Денешната седница на Националната комисија за УНЕСКО ја свикавме во Охрид со јасна цел – да ја потврдиме решеноста и посветеноста на сите институции во Македонија за зачувување на Охридскиот регион како исклучително културно и природно богатство и светско наследство под заштита на УНЕСКО“, информираше македонскиот министер за култура Зоран Љутков на социјалните мрежи по денешната одржана седница на Националната комисија за УНЕСКО.
„Како што е познато, на 47. сесија на Комитетот за светско наследство во Париз беше усвоена Одлука со која на Македонија и Албанија им е даден дополнителен рок од една година за спроведување на корективните мерки. Овој период не е одложување, туку обврска за забрзана акција. Нашата заедничка обврска е до 1 февруари 2026 година, заедно со Република Албанија, да доставиме извештај за напредокот во заштитата на регионот. Тоа е голем предизвик, но и можност да покажеме дека кога се работи за национален интерес, можеме да делуваме обединето и одговорно“, истакна Љутков.
Тој појасни дека затоа, заклучоците од денешната седница ја дефинираат јасната насока на делување.
„Ќе се зајакне и интензивира соработката и координацијата со Република Албанија на највисоко и експертско ниво; ќе се спроведат без одлагање усвоените заклучоци од седницата на Владата од јули 2025 година; ќе се реализираат конкретни активности за исполнување на препораките од Одлуката на УНЕСКО и корективните мисии, со цел да се прикаже видлив напредок во извештајот до Центарот за светско наследство; ќе се интензивира меѓуинституционалната и меѓуресорската соработка, заедно со засегнатите општини од заштитеното подрачје; и ќе се засили итниот мониторинг на спроведувањето на мерките содржани во Стратегискиот план за рехабилитација на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион“, потенцираше Љутков.