Најмалку 500 луѓе загинле синоќа во Авганистан кога земјотрес со јачина од шест степени според Рихтеровата скала ја погоди таа земја, објавија авганистанските државни медиуми.
Според извештаите, најмалку илјада луѓе се повредени.
„Започнавме масовна операција за спасување и мобилизиравме стотици луѓе за да им помогнеме на оние во погодената област од земјотресот“, изјави портпаролот на Министерството за јавно здравје на Авганистан, Шарафат Заман.
Според него, ќе биде потребно време за да се добијат точни податоци за бројот на жртви и степенот на оштетување на инфраструктурата, имајќи предвид дека земјотресот погодил планинска област.
Епицентарот на земјотресот што го погоди Авганистан синоќа недалеку од градот Џалалабад во близина на границата со Пакистан бил на длабочина од десет километри.
Тоа подрачје е подложно на чести земјотреси, потсетува Ројтерс и додава дека само минатата година, повеќе од илјада луѓе ги загубија животите таму во серија земјотреси.