Најмалку 15 лица загинале кога жичарницата Глорија во Лисабон излета од шините, вклучувајќи и туристи, соопшти денес португалската полиција.
Во несреќата се повредени повеќе од 18 лица, од кои петмина потешко.
Жичарницата превезувала повеќе од 40 лица.
Несреќата се случила денес кога жичарницата излетала од шините и удрила во зграда.
Фотографии од местото на настанот покажуваат дека кабината на жичарницата, слична на трамвај, е практично уништена.
Властите не ги открија идентитетите на жртвите ниту нивните државјанства, но истакнаа дека меѓу загинатите има и странски државјани.
„Ова е трагичен ден за нашиот град... Лисабон е во жалост, ова е трагичен, трагичен инцидент“, изјави за новинарите Карлос Моедас, градоначалникот на португалската престолнина.
Португалската влада прогласи национален ден на жалост и тридневна жалост во Лисабон.
Бригадата на судската полиција беше повикана да ја испита причината за несреќата на жичарницата Глорија, која може да прими до 42 патници и е обележје на Лисабон кое е многу популарно кај туристите.
Оваа жичарница може да превезува 43 лица и е една од трите жичарници во португалската престолнина.
Линијата, отворена во 1885 година, го поврзува центарот на Лисабон во близина на плоштадот Рестаурадорес со Баиро Алто, област позната по својот жив ноќен живот. .
Кабините на оваа жичарница се поместуваат прикачени на кабел, па ако нешто се случи со кабелот, тоа може да доведе до сериозна ситуација.
Ова не е прв пат Глорија да излета од шините, иако денешната несреќа е најтешката досега.
Последното излетање од шините поради сериозен дефект се случи во мај 2018 година, но тогаш немаше превртени вагони и немаше жртви.
Глорија не возеше еден месец по таа несреќа.