Еден припадник на црногорската армија загинал, а друг е тешко повреден при гаснење пожар во регионот Куча, соопшти Министерството за одбрана.
Според Министерството, несреќата се случила околу 13 часот, на пат кон Куча, кога цистерната со вода што ја возеле се превртела.
„Војската на Црна Гора, во соработка со надлежните органи, спроведува истрага за да се утврди причината и околностите на несреќата“, соопшти Министерството за одбрана.
Во меѓувреме, претседателот на Парламентот на Црна Гора, Андрија Мандиќ, испрати барање за итен состанок на Советот за одбрана и безбедност до претседателот на државата и премиерот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и Милојко Спајиќ, на кој ќе се анализира моменталната безбедносна состојба и ќе се донесат итни мерки за заштита на човечките животи, имотот, инфраструктурата и природните ресурси
„Денес, Црна Гора се соочува со природна катастрофа која има тенденција да стане една од најголемите во нејзината историја. Екстремните временски услови, температурите над 40°C, ниската влажност, исклучително неповолната хидролошка состојба и силните ветрови доведоа до појава на масовни пожари и постојано го зголемуваат ризикот од ширење на пожарите и појава на нови жаришта. Следните три дена, според експертите, се критични за стабилизирање на ситуацијата“, рече Мандиќ.
Генералниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување на Црна Гора, Миодраг Бешовиќ, во вторник објави дека ситуацијата со пожарите во Црна Гора е постабилна, но дека не може целосно да го предвиди развојот на ситуацијата.
Тој додаде дека верува оти пожарот ќе биде ставен под контрола со вклучување на домашните служби и помош од други земји.
Србија испрати хеликоптер Камов Ка-32 со капацитет од пет тони, а Хрватска авион Канадер за помош на домашните служби, а денеска се очекува да стигне противпожарен авион од Италија.
Во понеделник вечерта имаше активни пожари на неколку локации на територијата на Црна Гора, а најголемите жаришта беа во Какаричка Гора, Горњи Кокоти, Пипери, Куча, Буљарица, Чањ.