Распишани локалните избори: Еве го изборниот календар
ПОЛИТИКА
3 мин читање
Распишани локалните избори: Еве го изборниот календарПрвиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври. Вториот круг од изборите за градоначалници треба да се одржат на 2 ноември.
Распишани локалните избори: Еве го изборниот календар / TRT Balkan
12 август 2025

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на 9 август ги распиша локалните избори, закажувајќи ги за 19 октомври.

Гаши го потпиша Решението за распишување на осмите локални избори согласно член 12 став 4 од Изборниот законик, почитувајќи го рокот од 70 до 90 дена од распишување до одржување на изборите.

Со распишувањето на изборите, почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија, согласно Изборниот законик и според календарот што треба да го донесе Државната изборна комисија.

Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври. Вториот круг од изборите за градоначалници треба да се одржат на 2 ноември, во единиците на локалната самоуправа во кои изборите нема да завршат во првиот круг.

По распишувањето на изборите Гаши се обрати до јавноста со пишана изјава во која меѓудругото нагласува дека изборите не се прост технички процес, туку се суштината на нашата демократија.

„Согласно Уставот, Изборниот законик, важечкото законодавство, како и врз основа на моите надлежности како претседател на Собранието, имам чест и институционална одговорност да ве информирам дека денес, официјално, го потпишав решението за распишување на претстојните локални избори, кои ќе се одржат на 19 октомври 2025 година. Ова решение го доставив до надлежните органи за организирање и спроведување на изборите и очекувам максимален ангажман за реализација на чесен и демократски процес“, истакна Гаши.

Тој информира дека во текот на изборната кампања, која започнува дваесет дена пред одржувањето на изборите, Собранието ќе продолжи со редовното административно функционирање, но нема да одржува пленарни седници. Оваа одлука, додава тој, има цел да се избегне злоупотребата на собраниската говорница за изборни цели и да им овозможи на пратениците целосно да се посветат на комуникацијата со граѓаните.

„Сакам да нагласам дека изборите не се прост технички процес, туку се суштината на нашата демократија. Тие претставуваат реална можност граѓаните да изберат водачи кои одразуваат одговорност, визија и посветеност кон јавниот интерес. Така, 19 октомври 2025 година претставува важен момент за зајакнување на демократијата, подобрување на благосостојбата на граѓаните и за градење на подобра иднина за сите“, истакна собранискиот спикер.

На 9 август, Државната изборна комисија (ДИК) го усвои календарот со сите изборни дејствија за Локалните избори 2025, кои беа распишани истиот ден од претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Како што и претходно е наведено, првиот круг на изборите ќе се одржи на 19 октомври, а вториот, каде што ќе има потреба, на 2 ноември.

Рокот за поднесување на кандидатски листи до општинските изборни комисии е до 13 септември, до полноќ.

Изборната кампања за првиот круг ќе започне на 29 септември и ќе трае до 17 октомври, додека за вториот круг ќе трае до 31 октомври.

Жрепката за редоследот на листите на гласачкото ливче ќе се одржи најдоцна до 25 септември, а до 16 октомври подносителите на листи треба да достават предлози за свои овластени претставници и набљудувачи.

Избирачкиот список ќе биде на јавен увид од 23 август до 11 септември, а ќе се заклучи најдоцна до 26 септември.

Медиумите треба да се регистрираат до 12 август, а општините се должни најдоцна до 13 август да објават локации за истакнување изборни реклами.

Лицата во домашни услови, старечки домови, КПД или куќен притвор ќе гласаат еден ден пред изборите – на 18 октомври.




ИЗВОР:TRT Balkan
Повеќе
ЕУ: Подготвуваме противмерки за царините на Трамп, последиците ќе бидат страшни за милиони луѓе
Трамп прогласи економска независност и воведе реципрочни тарифи ширум светот
Трамп очекува наскоро Маск да се повлече од Белата куќа
Министерот Фидан ќе присуствува на состанокот на НАТО во Брисел
Бројот на загинати во земјотресите во Мјанмар надмина 3.000
Произраелските групи притискаат да се прекине мандатот на Франческа Албанезе во ОН
Протест во Сараево поради лошата економска ситуација и високите трошоци за живот
Сојузот на синдикати на С. Македонија на протест, бара зголемување на минималната плата на 500 евра
Кристин Лагард: Тарифите на Трамп ќе имаат негативни последици ширум светот
Сијарто најави дека Унгарија и Србија ќе градат нов нафтовод до 2028 година
Велика Британија воведе електронски дозволи за влез на европските државјани
Косово сака да потпише договор за стратегиска соработка со Велика Британија во областа на одбраната
Мицотакис: Грција има намера да потроши 25 милијарди евра за одбрана во наредните години
Вучевиќ: СНС утре ќе дојде на консултации кај Вучиќ со неколку имиња за мандатарот на новата влада
Кандидатот за врховен судија во кој Маск вложи милиони долари загуби на изборите во Висконсин
Погледнете во TRT Global. Споделете го своето мислење!
Contact us