Конзервативниот инфлуенсер и водител на еден од најслушаните подкасти во Соединетите Американски Држави, Чарли Кирк, кој беше убиен во атентат на Универзитетот Јута Вали во среда, беше водечки глас меѓу младите поддржувачи на Доналд Трамп во САД и редовен организатор и учесник во дебати со студенти на универзитетските кампуси.
31-годишникот се етаблираше како клучна фигура во кампањата на Трамп за повторно освојување на Белата куќа минатата година.
Неговата организација, Турнинг Поинт УСА (Turning Point), организираше масовна кампања од врата до врата во клучните изборни држави.
Неговото влијание, а имаше 6,9 милиони следбеници на Инстаграм и 3,8 милиони на ЈуТјуб, многу му помогна на Трамп да привлече млади американски мажи со промовирање на традиционалниот концепт на семејството.
Високиот и темнокос говорник, секогаш подготвен да провоцира, кој се залагаше за правото на носење оружје, веќе неколку години ги обиколуваше универзитетските кампуси и организираше дебати насловени „Докажи дека грешам“.
Токму за време на еден таков настан во Јута беше убиен во среда.
На овие собири, тој ги покануваше студентите да дебатираат со него, пред неговите камери и стотици поддржувачи. Тоа беше можност за него да ја развие својата радикална реторика пред неподготвени противници.
Тој се залагаше, меѓу другото, за „искоренување на абортусот“ и потиснување на миграцијата.
„Чарли Кирк е харизматичен христијански националист, кој служи како портпарол на трампизмот и екстремистичките идеи“, сумираше Кајл Спенсер, авторка на книга, за време на чие пишување го следеше неговото младинско движење Турнинг Поинт неколку години.
Организацијата, која Кирк ја основа во 2012 година кога имаше 18 години, стана најголемата конзервативна младинска група во Соединетите Американски Држави.
Има „армија“ од ентузијастички активисти, од кои некои беа однесени со автобус во Вашингтон за демонстрациите на 6 јануари 2021 година што доведоа до инвазијата на Капитол.
По потекло од предградијата на Чикаго, Чарли Кирк се откажа од колеџ за да продолжи со активизмот.
Брзо беше прифатен од богатите републикански донатори и на крајот стана близок со семејството Трамп.
За време на победничката кампања во 2016 година, тој беше личен асистент на синот на милијардерот, Доналд Трамп помладиот.
Неговата елоквенција го наведе да стане редовен коментатор на конзервативниот канал „Фокс њуз“, а подоцна и да води многу популарен дневен подкаст.
„Големиот, дури и легендарен, Чарли Кирк е мртов. Никој не го разбираше ниту имаше подобро срце за младите луѓе во Соединетите Американски Држави од Чарли. Сите го сакаа и му се восхитуваа, особено јас, а сега тој повеќе не е со нас. Меланија и јас изразуваме сочувство до неговата прекрасна сопруга Ерика и неговото семејство. Чарли, те сакаме“, напиша Трамп на социјалната мрежа Вистина.
Кирк беше застрелан денес додека држеше говор на отворено на Универзитетот во Јута Вели. Голем број студенти присуствувале на настанот, кога во еден момент се слуша истрел.
Врз основа на снимките објавени на социјалните мрежи, може да се види дека куршумот го погодува Кирк во вратот и дека тој обилно крвари и паѓа на земја.
После тоа, толпата почнала да вреска и да бега. Американските медиуми објавија дека бил придружуван од лично обезбедување.
Тој бил однесен во болница, од каде првично објавија дека е во критична состојба, но подоцна починал. Засега нема осомничени за атентатот.