Катарскиот премиер денес изјави дека се подготвува колективен регионален одговор на израелскиот напад врз Доха, нагласувајќи дека во тек се консултации со арапските и исламските партнери.
„Ќе има одговор од регионот. Овој одговор во моментов е во консултација и дискусија со други партнери од регионот“, изјави Мохамед бин Абдулрахман ал Тани за „Си-ен-ен“.
Тој потврди дека Доха ќе биде домаќин на арапско-исламски самит во наредните денови за да се одлучи за мерките против израелскиот напад.
Премиерот на Катар изрази негодување поради нападот, изјавувајќи: „Немам зборови да изразам колку сме бесни поради таквиот чин, ова е државен терор. Ние сме предадени“.
Абдулрахман ал Тани го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за уништување на надежите за заложниците во Појасот Газа што ги држи Хамас и за попречување на напорите за прекин на огнот.
„Нетанјаху едноставно ја уби секоја надеж за тие заложници... Тој треба да биде изведен пред лицето на правдата... Тој ги крши сите закони - ги прекрши сите меѓународни закони“, рече тој.
Катарскиот лидер додаде дека неговата земја ја „преиспитува“ својата улога во сите идни преговори за прекин на огнот во Газа, со оглед на нападот врз главниот град.