Бројот на загинати во израелските воздушни напади врз главниот град на Јемен, Сана и покраината Ал-Џаф, достигна 35, објави јеменското Министерство за здравство.
Според извештаите, 131 лице е рането, а бројот на загинати и повредени веројатно не е конечен, јавува Ал Џезира.
Министерството соопшти дека нападите погодиле цивилни и станбени области, вклучувајќи куќи во населбата Ел-Тахрир во Сана, медицински објект во југозападниот дел на градот и владин комплекс во Ел-Хазм, главниот град на покраината Ел-Џаф.
Според извештаите, екипите за цивилна заштита работат на гаснење на пожарите предизвикани од бомбардирањето и извлекување на преживеани од урнатините.
Порано денес, како што објавија јеменските медиуми, серија експлозии го потресоа јеменскиот главен град Сана по израелскиот воздушен напад, а Министерството за одбрана на Хутите беше меѓу целите на нападот.
Како што објавува „Тајмс оф Израел“, Хутите во Јемен објавија дека воздушната одбрана морала да реагира поради „израелските авиони кои започнале агресија“ против таа земја.
По нападите врз Сирија и Катар, израелската Армија започна воздушни напади и врз Сана, главниот град на Јемен, во последните 48 часа.
Израелската Армија изјави дека биле нападнати цели на Хутите во Сана и Џаф, а меѓу целите биле воени кампови, Центарот за односи со јавноста на војската и магацин за гориво.