Американски федерален суд му наложи на Гугл да плати 425,7 милиони долари за нелегално шпионирање на паметните телефони на луѓето речиси една деценија.
Одлуката на федералниот суд во Сан Франциско во среда следеше по повеќе од две недели судење во групна тужба во која се опфатени околу 98 милиони паметни телефони во Соединетите Американски Држави помеѓу 1 јули 2016 година и 23 септември 2024 година, објави Ројтерс.
Со тоа, вкупната отштета досудена во петгодишниот случај изнесува околу 4 долари по уред.
Гугл негираше дека неправилно ги следел онлајн активностите на луѓето, кои мислеле дека се заштитиле со контроли за приватност.
Компанијата стоеше зад својот став, иако осумчлена порота утврди дека Гугл ги шпионирал корисниците, кршејќи ги законите за приватност на Калифорнија.
„Оваа одлука погрешно го разбира начинот на кој функционираат нашите производи и ние ќе се жалиме“, изјави денес портпаролот на Гугл, Хозе Кастанеда.
Тој додаде дека алатките за приватност на Гугл им даваат на луѓето контрола врз нивните податоци.
„И кога ќе ја исклучат персонализацијата, ние го почитуваме тој избор“, рече Кастанеда.
Адвокатите кои ја поднесоа тужбата тврдеа дека Гугл ги користел податоците што ги собрал од паметните телефони без дозвола од корисниците за да продава реклами прилагодени на нивните индивидуални интереси.
Стратегијата резултираше со милијарди долари дополнителни приходи за компанијата.
Адвокатите ја окарактеризираа продажбата на реклами како нелегално профитирање и сметаат дека тоа заслужува повеќе од 30 милијарди долари отштета.
Иако поротата дојде до многу пониска проценка на штетите, еден од адвокатите кои ја поднесоа тужбата против Гугл го поздрави исходот како победа за приватноста.