Огромното мнозинство Германци се незадоволни од владата и канцеларот Фридрих Мерц и бараат од него да го зголеми притисокот врз Израел, според најновата анкета спроведена за јавниот сервис АРД пред одбележување на 100-дена на Владата.
Кога станува збор за федералната влада, моментално 69 проценти од граѓаните се незадоволни од нејзината работа, додека само 29 проценти велат дека се задоволни.
Слично е и кога станува збор за канцеларот Мерц (Христијанско-демократска унија-ЦДУ), каде што 65 проценти од испитаниците се незадоволни од неговата работа, додека само 32 проценти се задоволни, објавува Дојче Веле.
Мерц досега најмногу се истакна на надворешнополитичкиот фронт, го посети американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, постојано ја поддржува Украина во борбата против руската агресија и го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да покаже воздржаност во Газа, според ДВ.
На внатрешен фронт, владата се истакна со построг курс кон миграцијата.
Резултатите од анкетата покажуваат дека 50 проценти од испитаниците веруваат дека Мерц не е дораснат на задачата, додека 42 проценти мислат дека е.
Дури 56 проценти од анкетираните веруваат дека тој не е способен добро да управува со Германија во време на криза, додека 29 проценти веруваат дека е.
Кога станува збор за неговата политика кон Украина, повеќе од половина од анкетираните, 57 проценти, не се задоволни, додека 34 проценти се задоволни од Мерц во таа област.
Како што потсетува ДВ, уште пред да биде избран за канцелар, Мерц му овозможи на Бундестагот да ја олабави строгата „кочница за долг“ на Германија, уставен механизам што спречува прекумерно задолжување.
Во наредните години се планира да се инвестираат 500 милијарди евра во железници, патишта и училишта, а уште повеќе во модернизација на армијата, што е јасен пресврт во однос на предизборните ветувања на конзервативците дека нема да има ново задолжување, но се поставува прашањето дали ова го оштетило имиџот на Мерц, според ДВ.
Сега дури 66 проценти од испитаниците веруваат дека Мерц не е личност на која може да ѝ се верува, додека неговата популарност се намали за 10 процентни поени во споредба со последната анкета и сега изнесува 32 проценти, поради што е на третото место.
Пред него се премиерот на Баварија и шеф на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Маркус Зедер со 38 проценти и социјалдемократскиот министер за одбрана Борис Писториус, кој долго време е на првото место со 60 проценти.
Кратко откако стана канцелар, Мерц критички изјави во едно интервју дека повеќе не ги разбира целите на израелската армија во Газа, а неодамна јасно го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ги ублажи страдањата на околу два милиони луѓе во таа енклава.
За разлика од Франција, Велика Британија и Канада, Германија сè уште се двоуми да ја признае палестинската држава како одговор на ситуацијата во Газа, додека Мерц сè уште не одлучил за евентуални санкции против Израел.
Судбината на заложниците што сè уште ги држи Хамас останува врвен приоритет за Германците, што го потврдија дури 72 проценти од нив, покажа анкетата.
Нешто помало, но јасно мнозинство од 66 проценти верува дека германската влада треба да го зголеми притисокот за да го принуди Израел да го промени својот курс.
Учесниците во анкетата го изразија и својот став кон царинската политика на американскиот претседател Доналд Трамп, а поради честопати нејасната царинска политика на Трамп, 65 проценти од Германците се загрижени или многу загрижени за економската стабилност, додека само пет проценти велат дека немаат никакви грижи.
Резултатите од изборите во февруари покажаа дека, како и во многу други земји, политичкиот тренд во Германија се движи кон десно и дека општеството станува сè повеќе поларизирано, според ДВ.
Делумно екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) ја дуплираше својата поддршка во однос на изборите во 2021 година на околу 20 проценти.
Доаѓањето на Мерц на власт на 6 мај не го запре овој тренд, а анкетата покажува дека доколку изборите се одржат следниот викенд, 27 проценти од нив би гласале за Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ, додека поддршката за AфД би се зголемила на 24 проценти.
Останатите три парламентарни партии - СПД (13 проценти), Зелените (12) и Левицата (10) - остануваат на нивните претходни нивоа на поддршка.